Град Скопје повторно субвенционира купување велосипеди


Градот Скопје, со цел да ги стимулира жителите на Скопје да користат велосипеди, распиша јавен повик за надоместување на дел од трошоците на граѓаните на подрачјето на градот Скопје за купување велосипед.
Со овој јавен повик, Градот Скопје на граѓаните кои ќе купат велосипед од денот на објавувањето (11.03.2019 година) на Јавниот повик, заклучно со 30.06.2019 година, ќе им надомести  дел од трошоците направени при купување велосипед.
Средствата што Градот Скопје ќе ги субвенционира се во износ од 50% од вредноста на велосипедот, но не повеќе од 3.000 денари по лице, со вклучен персонален данок на доход.
Јавниот повик ќе биде реализиран по принципот „прв дојден, прв услужен“. Едно лице може да поднесе само едно барање за добивање на субвенција за купување на еден велосипед
Барателот на субвенции треба да е жител на Град Скопје, до сега да нема добиено финансиски средства за набавка на велосипед од Град Скопј, велосипедот да го купи од денот на објавување, до денот на завршување на Јавниот повик.
За надоместување на дел од трошоците и докажување дека условите за учество на Јавниот повик се исполнети, барателот до Град Скопје треба да  достави:
– барање за субвенција за купување на еден велосипед (Барањето може да се подигне во архивата на Град Скопје или да се обезбеди од интернет страницата на Градот: www.skopje.gov.mk);
– доказ за жителство во Град Скопје, со доставување копија на важечка лична карта на барателот;
– фотокопија од трансакциска сметка на барателот;
– изјава дека барателот досега нема искористено субвенција за купување на велосипед од Град Скопје;
– доказ дека е извршено купување на велосипед, и тоа оригинал фискална сметка  или фактура со извод од деловна банка, со датум од денот на објавувањето до денот на завршувањето на Јавниот повик;
Барањето за надоместок на дел од трошоците за купување на велосипед, заедно со потребната документација, граѓаните во затворен плик ги доставуваат до соодветната Комисија, преку Архивата на Град Скопје, бул. Илинден бр.82, секој работен ден од 9 до 15 часот.
Субвенционирањето на граѓаните за набавка на велосипеди е една од мерките на Градот Скопје за промоција на велосипедот како рекреативно и превозно средство, чие користење има многу придобивки: истото е финансиски достапно, економски исплатливо и еколошко превозно средство, придонесува за намалување на сообраќајниот метеж, како и за намалување на загаденоста на амбиентниот воздух.