13 номинации за Оскар за „Опенхајмер“, Роби, Гервиг и Ди Каприо извисија
Мартин Скорсезе ја доби рекордната десетта номинација за Оскар за најдобра режија за „Убијците на цветната месечина“
„Опенхајмер“ ќе се бори за најмногу награди на годинашното доделување Оскари на 10 март во Лос Анџелес, откако доби 13 номинации, следен од „Кутрите“ со 11 и „Убијците на цветната месечина“ со десет. Џими Кимел се враќа по четврти пат како домаќин на најважната филмска ноќ во светот.
Покрај нив, за најдобар филм се номинирани и „Американска фикција“, „Анатомија на падот“, „Барби“, „Останатите“, „Маестро“, „Минати животи“ и „Зоната на интерес“.
За најдобар актер се номинирани Бредли Купер за „Маестро“, Пол Џамати за „Останатите“, Колман Доминго за „Растин“, Килијан Марфи за „Опенхајмер“ и Џефри Рајт за „Американска фикција“, а во женска конкуренција е забележливо отсуството на ѕвездата на „Барби“, Марго Роби. Место неа, за Оскарот ќе се борат Анет Бенинг за „Нијад“, Лили Гледстоун за „Убијците на цветната месечина“, Сандра Хилер за „Анатомија на падот“, Кери Малиган за „Маестро“ и Ема Стоун за „Кутрите“.
За најдобра машка споредна улога конкурираат Стерлинг Кеј Браун („Американска фикција“), Роберт Де Ниро („Убијците на цветната месечина“), Роберт Дауни Џуниор („Опенхајмер“), Рајан Гослинг („Барби“) и Марк Рафало („Кутрите“), а кај актерките Емили Блант („Опенхајмер“), Даниел Брукс („Обоените луѓе“), Америка Ферара („Барби“), Давајн Џој Рендолф („Останатите“) и Џоди Фостер („Нијад“) , што е нејзина прва номинација по 29 години.
Мартин Скорсезе ја доби рекордната десетта номинација за Оскар за најдобра режија за „Убијците на цветната месечина“, заедно со Жастин Трие („Анатомија на падот“), Кристофер Нолан („Опенхајмер“), Јоргос Лантимос („Кутрите“) и Џонатан Глејзер („Зоната на интерес“). Меѓу нив немаше место за режисерката на „Барби“, Грета Гервиг.
Номинација за најдобар странски филм добија „Зоната на интерес“ (Велика Британија), „Совршен ден“ (Јапонија), „Друштво на снегот“ (Шпанија), „Наставничка канцеларија” (Германија), „Јас, капетан” (Италија). (АП)