Почина либералниот саудиски „црвен принц“ Талал бин Абдул Азиз
Саудиска Арабија – Полубратот на сaудискиот крал Салман, принцот Талал бин Абдулазиз, познат меѓу Саудијците како „црвениот принц“, почина на 87-годишна возраст.
– Алах го повика принцот Талал во сабота, објави денеска на Твитер неговиот син, милијардерот Ал Валид бин Талал Ал Сауди.
Принцот Талал бин Абдулазиз беше познат по своите либерални убедувања и важеше за неуморен заштитник на реформите во конзервативната Саудиска Арабија.
Тој со години се залагаше на Саудијките да им биде дозволено да управуваат автомобили, што конечно им беше овозможено оваа година.
Принцот Талал раководеше со Програмата на Арапскиот Залив за развој, која работеше на поддршка на образованието и здравствената заштита, пред се на жените, во земјите во развој.
Во 60-те години на минатиот век, под влијание на тогашниот египетски претседател Гамал Абдел Насер, принцот Талал го формираше Движењето на слободните принцови, кое се залагаше за корените промени во теократската Саудиска Арабија.