Ќе се санираат објектите на националните културни установи


Со годишната програма на Министерството за култура обезбедуваме средства за динамична културна програма низ целата земја, ја подобруваме инфраструктурата и условите за вработените и за публиката, ги отвораме установите за независната културна сцена, создаваме нови програми, ги зголемуваме можностите за поддршка за сите актери во културата и обезбедуваме механизми за суштинска вклученост на сите засегнати страни во процесите на креирање на културните политики. Ова го истакна министерот за култура Роберт Алаѓозовски, презентирајќи ја денеска годишната програма и резултатите од годишниот конкурс за проекти од национален интерес 2018 година.

Алаѓозовски посочи дека обезбедиле силна поддршка за културни проекти кои градат едно општество за сите, децентрализација на културата и еднаков пристап до неа, за сите граѓани подеднакво и дека програмата ја носат во законскиот рок – 45 дена од донесувањето на буџетот за 2018 година.

– За илустрација – во ликовната, музичката, фолклорната и драмската дејност, во 2016 година беа пристигнати 1.556, во 2017 година 1.593 проекти, а на годинашниот конкурс пристигнаа 2.066 проекти – 500 проекти повеќе, или над 25 отсто пријави повеќе. Тоа покажува дека е зголемена довербата во институцијата и успешноста во популаризацијата на конкурсот во јавноста. И покрај зголемениот број, или 5.018 пријави вкупно, Министерството одобри над 50 отсто од сите пристигнати апликации, што ја демонстрира нашата заложба да им излеземе во пресрет на уметниците и културните работници во најголема можна мера, рече Алаѓозовски.

Тој потенцира дека нивна прва цел била да ги отстранат сите аномалии што со години се провлекувале низ селектираните програми.
– Транспарентноста и отчетноста пред граѓаните е наш врвен приоритет. Домаќинското работење и одговорноста кон парите на граѓаните беше наш водечки принцип во процесот. Освен поддршката за проектите, преку годишната програма обезбедивме средства и за раздолжување од обврските создадени со мегаломанското и неодговорно трошење во изминатите години, како и за создавање основни услови во установите и дејностите, рече Алаѓозовски.

Анализата на резултатите од конкурсот, рече министерот, покажува дека годинава имаме далеку порамномерна и поправична дисперзија на средствата од минатите години, во однос на етничката, географската, родовата застапеност, застапеноста на маргинализирани заедници, застапеноста на различните дејности и застапеноста на проектите што доаѓаат од вонинституционални апликанти.

– Врвен приоритет меѓу сите програми е заштитата на културното наследство. Сите загрозени фрески, икони, историски објекти, како на пример црквата во Курбиново, Скопскиот акведукт, фреската Св.15 Тивериополски маченици, се планирани или за директна конзервација или за изработка на основен проект, што е прв чекор во нивното санирање и заштита. Заштита им беше потребна и на многу објекти на културата низ целата земја, поради долгогодишно отсуство на грижа и финансии. Обезбедивме средства за санација на сите загрозени објекти на националните установи. Со посебна програма од 60 милиони денари, ќе спроведеме акција за реконструкција на покриви во над 20 објекти, рече Алаѓозовски.

Во музичко – сценската дејност обезбедиле средства и за фестивали на алтернативните жанрови – рок, електронска и светска музика, а поддржавме и повеќе џез манифестации покрај веќе етаблираните фестивали. Знаејќи ја лошата економска кондиција на општините и долговите што тие ги наследија, рече Алаѓозовски, поддржавме многу манифестации, чијшто директен или индиректен организатор се самите општини, како Опен фест, Бит Фест, Д-Фестивал и други.

– Министерството за култура од оваа година го активира целосно Секторот за книга и го презема меѓународното претставување и презентирање на издавачката продукција и литературата од нашата земја, преку концептуално презентирање на автори и дела од Македонија, додаде Алаѓозовски.

Претседателката на Комисијата за издавачка дејност, Оливера Ќорвезировска рече дека практиките на паушално одлучување врз нерелевантни книжевни и издавачки параметри, се обиделе да ги укинат со јасни критериуми.

– Прв водечки критериум беше определувањето на статусот на авторите како носечки столбови на издавачките програми, веднаш потоа и нивните хонорари и враќањето на достоинството на домашните автори од сите генерации и провениенции. Се трудевме да опфатиме повеќе жанрови, не поддржавме второ издание на ниту една книга од ниту еден автор пријавен од издавач или како физичко лице со длабока увереност дека реизданијата не се предмет на поддршка во годишната издавачка програма на Министерството за култура, рече Ќорвезировска.

Потенцира дека донеле одлука преведувачите да бидат наведени на списокот со резултатите заедно со авторите и насловите на книгите што се преведуваат, книгите кои добиле поддршка за превод со конкретен преведувач можат да бидат објавени само со неговиот превод. Додаде дека не поддржале превод на ниту една книга која е веќе преведена на македонски јазик и превод од индиректен јазик на ниту едно современо, ниту дело од претходните книжевни епохи, а преводите од класичните јазици ги третирале како врен културен приоритет.

Членот на Комисијата за интердисциплинарна дејност, Ѓорги Јовановиќ рече дека Министерството за култура отворило ново институционално поглавје со сфера која е значајна на светската културна сцена.

– Комисијата ги разгледа сите пријавени проекти вкупно 96 поднесени од 73 правни лица и 23 физички лица. До министерот за култура Комисијата достави предлог за прифаќање на 71 проект, односно речиси 74 отсто од апликациите, додаде Јовановиќ