Ќе се лекуваме ли во приватни болници на државен трошок?
Ќе можат ли пациентите на државен трошок да се лекуваат во приватните болници кај нас наместо да одат во странство, е прашање што повторно го загатнуваат сопственици на болници, но и здравствените власти. За да се случи тоа, треба Фондот за здравствено осигурување да одобри пари за повеќе услуги што осигурениците би ги добивале во приватни болници, а притоа би платиле исто колку во државна клиника.
Јавното здравство со години е безмалку во кома – нема доволно апарати или тие што ги има често се расипуваат, нема реагенси или термини за специјалистички прегледи, а довербата во него е урнисана. Наши лекари велат дека ние веќе не можеме да се споредуваме ниту со Босна, а и Албанија е запад за нашето јавно здравство. Од друга страна, работат големи приватни болници со највисоки стандарди, но не секој може да ги плати високите цени на нивните услуги. Во нив исто така се прават операции, за кои пак нашите пациенти се принудени да одат надвор од државата.
Сега, ФЗОМ им ги покрива трошоците на приватните болници за неколку интервенции: операции на срце, операции на аорта и големи крвни садови, операции на артерии на врат и на екстремитети, детска кардиохирургија, услуги од очна хирургија кај возрасни и кај деца, како и за ин витро оплодување. Сите останати интервенции и прегледите за нив пациентот си ги плаќа од џеб. Сега, министерот за здравство Венко Филипче остава отворена врата за разговор.
– Приватните клиники ги гледаме како наш партнери, особено за некои работи за кои сега праќаме пациенти во странство. Сакаме да направиме партнерски однос, при што приватните клиники би ги давале тие услуги, пациентите да останат овде и парите да останат во државата – рече Филипче на завчерашната конференција по повод Денот на ретки болести.
Калина Гривчева-Старделова, претседателка на Лекарска комора, смета дека условите што приватните болници ги имаат благодарение на финансиите што ги добиваат, наплаќајќи ги своите услуги по пазарна цена, објективно се многу подобри.
– Она што сметам дека мора да биде коригирано од Фондот за здравствено осигурување е критериумот околу плаќањето, бидејќи средствата што им се префрлаат за иста работа на приватните болници и на државните болници не се исти. На состанок во Фондот отворено прашав дали имаат увид колку од пациентите од приватно здравство по првата интервенција дошле на „рекламација“, односно на ревизија во државното здравство. И тоа мора да се земе предвид кога ќе се прави некаков договор. Ако важат едни критериуми за нас, да мора да пријавуваме смртност, причини, заразни болести… тие треба да важат и за приватните болници. Обврските се исти, без оглед дали е приватна или државна установа, и некои работи не можат да бидат избегнати – рече неоадмна Гривчева-Старделова.
Д-р Жан Митрев, сопственик на „Жан Митрев клиник“, во вчерашното интервју за „Независен весник“ потврди дека со новата политичка гарнитура има понормална комуникација со Фондот за здравство и има расположение и овие проблеми да се решаваат.
– Ние се позиционираме кај најтешко болните пациенти. Тој дел е чувствителен, независно дали сопственоста е државна или приватна. Тука нема козметика. Има сериозна медицина, поврзана со сериозни трошоци и со високо знаење на голем број персонал. Тоа да не биде искористено според потребите на државата е штета за сите – и за нас како институција и за пациентите, но и за државата. Парадоксално е што многу од тие услуги што ги правиме тука или ги правиме за странци, а не можеме да ги правиме за нашите пациенти. Од друга страна, нашите пациенти бараат лек во странство и тоа државата ја чини многу повеќе – рече Митрев.
И во регионот државата им ги покрива трошоците на одредени пациенти да се лекуваат во приватни болници. На пример, во Бугарија пациентите болни од рак можат да се лекуваат во која болница и да сакаат, а нивното лекување е на државен трошок.
Сунчица Стојановска Зоксимовска