Љубов
ЛЕЈЛА САБИТ
Во морето на насилство, навреди, обвинувања, предавства, малтретирање, потценување, непочитување, понижување, молчење, срамење, криење, предрасуди, табуа и традиции, се крие љубовта како зрнце песок или ретка школка која ќе ја здогледате или згазите додека шетате по брегот на вашиот живот.
Ништо не е како порано, па ни љубовта.
Ниту на Балканот ниту во Холивуд.
Всушност, што беше тоа љубов.
Порано љубовта беше длабока, скриена, голема тајна и силна возбуда.
Од едно праменче коса на саканата можеа да се напишат сто песни.
Само со едно видување љубовта можеше да трае до гроба.
Една малку подотворена врата и зад неа една женска сенка се носеше во себе со децении.
Долга коса, вита става и полнење вода на чешма неизбришана слика засекогаш.
Еден поглед, голема литература.
Една воздишка, несоница.
Едно писмо, години надеж.
Еден бакнеж макар оддалеку, цел свет е твој.
Можеше да се сака силно и без допир и без збор.
Да, тоа беше можно порано.
Љубов има и денес.
Денес има, утре нема.
Пари нема, љубов нема.
Пари има, пак љубов нема.
Многу пари има, ич љубов нема.
Љубовта веќе нема тапија.
Како доаѓа, така и си оди.
Порано, откако ќе ја снемаше љубовта, немаше тешки зборови зад грб.
Сега има и претешки.
Порано зборовите беа повредни.
Сега не вредат ни пет пари.
Порано имаше џентлемени. Денес нема.
Пардон, има. Последни мохиканци.
Ама е тешко да се препознаат.
Ако ги откриете, чувајте ги како капка вода на дланка.
На изумирање се. Како диносаурусите.