Јадеме двапати повеќе сол од дозволеното


Mакедонците просечно консумираат по 11,5 грама сол на ден, што е двапати повеќе од препораките на Светската здравствена организација (СЗО), покажало истражувањето на Институтот за јавно здравје. Оттаму повикуваат да се утврди максимално дозволена количина на сол во лебот бидејќи тој е клучен извор на сол во исхраната, поради честотата со која го јадеме.

– Внесот на сол преку белиот леб е карактеристичен поради тоа што тој леб преовладува во исхраната на нашето население. Се покажа дека количините на сол во тој леб се меѓу повисоките, дури и во светски рамки. Државата, во соработка со СЗО и со индустријата за храна, мора да започне активности во насока на достигање на целите на СЗО за намалување од 30 отсто на внесот на сол до 2025 година – вели д-р Игор Спировски, доцент на Медицинскиот факултет во Скопје, учесник во истражувањето.

Во истражувањето се покажало дека повеќе од половина, односно над 50 отсто од лебовите што се продаваат на пазарот имаат повеќе од половина грам сол по порција. Во Македонија, во белиот леб просечно има 1,42 грама на сто грама сол. Тоа е лебот што граѓаните најмногу го употребуваат.

– Лебот е основна состојка на исхраната во голем број  земји во светот, со тоа е и еден од најголемите извори на сол. Количеството сол во лебовите во Македонија варираше од 0,36 до 2,5 грама на 100 грама леб, што е далеку над препораките во Обединетото Кралство, кои беа земени како референтни – велат од Институтот. Кај нас не постои граница за максимална количество сол во лебот.

Многу земји имаат доброволни или задолжителни цели за максимално количество сол во лебот. Намалувањето на количеството сол во лебот е лесен и ефективен начин за намалување на солта во исхраната на општата популација. Истражувањата покажуваат дека количеството сол во лебот може да се намали за 25 отсто за период од шест недели, а потрошувачите воопшто да не забележат промена.