Ѓорче Ставрески, режисер: Сценариото за „Исцелител“ го развивав седум години
Вчудовиден од тоа колку се пропаднати рационалните и здрави вредности, кога луѓето ја загубиле довербата во медицината, дури и во теоријата на еволуцијата, и повеќе им веруваат на исцелители и теории на заговори, во исто време пропаѓајќи во сиромаштија, го поттикнало младиот режисер Ѓорче Ставрески да ја напише и пренесе на филм приказната за својот прв долгометражен игран филм.
По светската премиера во Солун и синоќешната во Скопје, Ставрески денеска на прес-конференција со дел од актерската екипа ги кажа мотивите за приказната. Сценариото почнал да го пишува во 2010 година и тоа се развивало речиси седум години. Почнал да ја пишува како драма, но потоа ја направил во жанрот што го сака – црна комедија.
– Сакав да направам филм кој зборува за рушењето на рационалните вредности на кои треба да се базира едно општество, особено здравството. Таму ни е најголемата шанса за помош, а ние сега ја немаме таа шанса. Тоа ми беше најголемата мака, рече Ставрески.
Куриозитет е што неговиот прв долгометражен игран филм е и прва македонско-грчка копродукција во која финансиски помогна Грчкиот филмски центар. Соработката, рече Ставрески, почнала со познанството со Константина Ставрианоу од копродукцијата GRAAL S.A. од Атина, на работилница за продуценти на EAVE.
– Имавме многу добар шарм кој се створи околу филмот на таа школа. Копродуцентката Ставрианоу беше одушевена од филмот и неколку пати инсистираше да разговараме и станавме пријатели. Не верував дека филмот ќе земе пари од Грција, особено не за македонски филм, зашто тие беа во најголемите кризи, кога ги контролираа парите. На пример, филмот не доби пари од Словенија или од Бугарија каде што аплициравме пред да аплицираме во Грција, Но, добивме пари токму од Грчкиот филмски центар. Тоа беше убава приказна со Грците и сум горд на тоа што е прва таква соработка, истакна Ставрески.
Актерот Анастас Тановски, кој во филмот го игра ликот на болниот татко Саздо, рече дека нема мали теми и секоја приказна за себе е голема приказна.
– Така и јас тргнав во градењето на мојата ролја – дека сите сме свој космос за себе и кога космосите ќе се судрат меѓу себе, тоа е феномен, рече Тановски, додавајќи дека еден тежок жанр како што е црната комедија успеале да го направат доста пристоен и дека овој филм ќе поттикне и други млади режисери да прават филмови за мали приказни.
Благој Веселинов кој го игра синот (Веле) што е во потрага по делотворниот лек, рече дека ова му е прв сериозен проект во кој има одговорна задача на главен лик. За да го долови ликот од тој социјален слој, поминувал многу време со вработените во Железничкото депо иако, рече, потекнува од работничко семејство и таа средина не му е непозната.
– Темата ме допира како и секој друг во оваа држава во која сиромаштијата е наше секојдневие. Влегов несигурно во една многу сигурно подготвена средина за градење на ликот, додаде Веселинов.
Според актерот Аксел Мехмет, токму пренесувањето на таа сеприсутна сиромаштија на филм е тешка задача зашто, рече, во Скопје може во секој момент секој лесно да ја слика со телефон.
– Вакви теми има многу и има многу обиди да се сними сиромаштијата. Но ова не е само меланхолична слика, туку драматуршки и режисерски стокмен филм, рече Мехмет.
На филмот му претстојат гостувања на фестивали во Естонија, Индија, Белгија и во Санта Барбара, САД.