Ципрас: Сложено име што ќе важи за сите, и за меѓународна и за домашна употреба


Сложено име и за надворешна и за внатрешна употреба, за кое треба уставна промена и повлекување на секакви сомнежи за иредентистички ставови, е рамката што го гарантира затворањето на проблемот, според грчкиот премиер.

Како што јавува дописникот на МИА од Атина, Алексис Ципрас, на состанокот на пратеничката група на СИРИЗА, освен за економијата и скандалот Новартис, говореше и за прашањето за името. Рече дека грчката влада има преземено одговорност за да се затвори проблемот „со достоинство и патриотска одговорност“ и ја повтори позицијата на Атина и барањата на грчката страна во разговорите.

– Решението не може да биде друго од едно сложено име што ќе важи за сите, за севкупна употреба. Нешто за што секако, предуслов е и уставна промена, за името навистина да биде ерга омнес, односно за севкупна употреба. Не може да биде една употреба надвор, а друго да биде името во Уставот. Секако предуслов е и повлекување на секаков сомнеж за иредентизам. Ова е единствената рамка што го гарантира решавањето на проблемот и поминување во нова ера за целиот Балкан, далеку од национализмот, фанатизмот и нетолеранцијата, рече Ципрас.

Грчкиот премиер се осврна и на протестот во Атина, коментирајќи дека владата не ги игнорира демонстрантите и индиректно упати порака до сите оние што бараа „да не се даде името Македонија“

– Би сакал да се запрашам, која беше пораката на овој протест? Порака за грчкиот карактер на историјата на Македонија и на Александар Велики и неговото наследство? Ако е оваа пораката, тогаш мислам дека тропаат на отворени врати. Пораката е да не бараме решение на проблемот што е отворен од 1992? Ако е оваа пораката, тогаш е погрешна и е на сметка на националните интереси. Или можеби пораката е, како што рекоа многу од говорниците, не го давајте името Македонија? Ако е ова барањето, не треба да судиме дали е погрешно или правилно, затоа што пред да судиме дали е погрешно или правилно, треба да ја кажеме вистината, дека ова е надвор од рамките на реалноста. Бидејќи ниту оваа влада ниту било која друга од 1992 па натаму не се соочи со таква дилема дали да го даде името, многу едноставно бидејќи името Македонија, Грција, добро или лошо, го има прифатено уште пред многу години, рече Ципрас.

Тој , говорејќи пред пратениците од СИРИЗА, објасни дека Грција уште во времето на Југославија го прифатила терминот Македонија во името на нашата земја, а ова прифаќање продолжило со привременото име ПЈРМ, во кое, како што рече, буквата М значи Македонија. Сега, Владата и земјата, според Ципрас, не се повикани да дадат нешто, што е веќе дадено од другите, туку да добие назад, одредени работи.

– Што да добие Грција назад? Да ги убеди соседите, да запрат да го користат терминот Македонија, без никаква одредница, што јасно ќе става до знаење дека нема ниту географска, ниту историска врска со грчката Македонија. Да одам и чекор понапред, да ги убеди да не присвојуваат, да вратат назад симболи и имиња што не им припаѓаат. И беа направени важни чекори, после Давос, со преименување на аеродромот што се викаше „Аеродром Александар Велики“, и автопатот што ги поврзува Солун и Скопје. И да ги убеди секаде да запрат иредентистичките ставови, порача Алексис Ципрас.

Грчкиот премиер истакна дека нема да бидат лесни преговори, но и дека не постои друг пат, освен да се продолжи со преговорите со соседната земја за да се најде „заемно прифатливо решение без заобиколувања и без отстапки“