Тревога за ебола во Италија: Два сомнителни случаи по враќањето од Уганда


Здравствена тревога е издадена во северниот италијански регион Ломбардија откако во покраината Комо беа откриени два сомнителни случаи на ебола.

Случаите се однесуваат на жена од Лурате Качивио и маж од Булгарограсо кои се вратиле од Уганда во последните 24 часа со други членови на нивните семејства откако поминале околу три месеци таму како хуманитарни работници.

И двајцата развиле симптоми конзистентни со вирусот ебола, вклучувајќи висока температура, гадење, повраќање и цревни проблеми.

Тие брзо беа префрлени во болницата „Сако“ во Милано, специјализирана установа за управување со заразни болести со висок ризик, каде што се во тек тестовите потребни според националните и меѓународните протоколи.

егионалниот министер за социјална помош на Ломбардија, Гвидо Бертоласо, потврди дека се активирани итни процедури, нагласувајќи дека во моментов нема официјална потврда за присуството на вирусот.

„Сè уште не сме сигурни дека станува збор за ебола“, рече Бертоласо на прес-конференција, објаснувајќи дека резултатите од дијагностичките тестови се очекуваат подоцна во понеделник и дека „се надеваме дека ќе бидат негативни“.

Според регионалниот министер, двајцата пациенти доаѓаат од област на Уганда близу до границите со Демократска Република Конго и Руанда, региони кои моментално се следат поради пораст на случаите на ебола.

Сепак, лекарите сметаат дека еден вид маларија е поверојатна дијагноза, можеби церебрална маларија во случајот на 30-годишната жена, која можеби ќе треба да биде примена на интензивна нега.

Се вели дека жената развила потешки симптоми, вклучувајќи многу висока температура и благи невролошки проблеми. Се смета дека нејзината ќерка се заразила со маларија додека биле во Уганда.

Клиничката слика е поблага кај 31-годишниот жител на Булгарограсо, кој има температура од околу 38 степени Целзиусови и гастроинтестинални проблеми, но здравствените власти сепак веднаш ги активираа протоколите за надзор за сомнителни случаи на ебола поради местото од каде што допатувале пациентите.

Во меѓувреме, другите пет члена од двете семејства кои се вклучени се под надзор на надлежните органи и се под нивна здравствена заштита.

Ризикот од ебола во Италија во моментов е низок  
Во официјално соопштение, Министерството за здравство нагласи дека ризикот од ебола во Италија „останува многу низок“. Министерството, исто така, потврди дека националниот систем за подготвеност и одговор на заразни вонредни состојби е целосно оперативен.

Министерството постојано ја следи ситуацијата во тесна координација со регионалните власти на Ломбардија, Вишиот институт за здравство, болницата Сако во Милано, болницата Спаланцани во Рим и другите здравствени установи вклучени во управувањето со епидемиски вонредни состојби.