ЦИА: 40 отсто од земјоделците во Албанија на граница на сиромаштијата


Албанскиот бизнис сектор не може да се дефинира поинаку освен како сиромаштија, се наведува во извштајот на американската Централна разузнавачка агенција (ЦИА) за економскиот развој на Албанија за 2017 година.

– Бизнис секторот во Албанија е многу сиромашен, поради тоа што над 40 отсто од вработените во секторот земјоделство живеат на граница на сиромаштија, оценува агенцијата во извештајот.

Според ЦИА, албанскиот земјоделски сектор, кој опфаќа повеќе од 40 отсто од вработените, но помалку од една четвртина од БДП, во голема мера е ограничен на мали семејни бизниси и заради егзистенција, што значи производство за да го прехрани семејството.

Во извештајот се наведува и фактот на се помалите дознаки што на своите семејства им ги испраќаат албанските емигранти од Грција и Италија, но и лошата бизнис клима во земјата.

– Комплексниот код на даноци и барањата за лиценци, слабиот судски систем, ендемичната корупција, слабото спроведување на договорите, нерешените прашања за сопственоста и застарената инфраструктура, придонесуваат за лошата деловна клима во Албанија, поради што е тешко да се привлечат странски инвестиции, стои во извештајот на ЦИА.

Во документот се посочува и дека континуирано расте јавниот долг на Албанија, кој во 2013 година изнесувал 60, а во 2016 година 72 отсто од БДП.