Франција ја обвини Русија за шпионажа


Министерката за одбрана на Франција Флоранс Парли ја обвини денеска Русија дека се обидела да пресретне комуникација на француската и италијанската служба преку нивниот сателит. Таа оцени дека станува збор за „акт на шпионажа“.

Парли рече дека рускиот сателит Луш-Олимп се приближил до сателитот Атена-Фидус во 2017 година толку „што секој би помислил дека се обидува да ја пресретне нашата комуникација“.

– Оваа мала војна на ѕвезди се случи минатата година, а обидот за прислушување соседи е не само непријателски чин, туку и акт на шпионажа, истакна француската министерка.

Таа додаде дека Франција презела неопходни мерки, не прецизирајќи за што станува збор.