Утре се избира мис на светот 2018: Македонија без претставник


Кина- Македонија и годинава нема да има своја претставничка на најпрестижниот избор на убавина „Мис на светот“ утревечер на островот Санија во Кина.

118 убавици од целиот свет ќе се натпреваруваат за титулата, сопственост на семејството Морли од Англија. Втор по престижност е изборот мис Универзум.

Македонија веќе трета година по ред ја нема на „Мис на светот“, највеќе заради немање на финансии. Од 1996 година, откако е сопственик на лиценцата, Лидија Велковска има проблеми со  обезбедување на спонзорства за авионската карта и за гардеробата на македонската убавица.

Од година во година македонскиот избор се случуваше јавно, интерно, во престижни локации или во ресторани. Во неколку наврати, Велковска бараше финансиска помош и од државата, како и од сопругата на Претседателот Ѓорге Иванов, Маја Иванова.

Лидија е поранешна Мис на Југославија. На изборот за Мис на светот во 1975 година во  Лондон, таа го освои високото четврто место. По таа линија, ја доби лиценцата која парично се откупува и има важност долги години, иако Велковска ниту еднаш не се изјасни на колку години ја поседува лиценцата и во кои случаи може да ја изгуби.

Последна, и се уште актуелна Мис на Македонија е Емилија Розман, наша позната манекенка, ,дипломиран дефектолог и волонтер во Црвениот крст.

Ланската Мис на светот е Мануши Чилар од Индија. Индија има освоено најмногу титули на изборот.