Утре пресуда за сегашниот, а во среда за поранешниот премиер
Кривичниот суд ќе ја објави утре пресудата за предметот „Поткуп“ во кој е обвинет премиерот Зоран Заев, а ќе биде објавена и пресудата за поранешниот премиер Никола Груевски за случајот „Тенк“.
На минатото рочиште за „Поткуп“ обвинителката Валентина Бислимовска побара измена на правната квалификација на обвинителниот акт и наместо за примање поткуп, обвинетиот Зоран Заев да биде осуден за барање поткуп.Обвинителката на Заев да му се изрече осудителна пресуда, која, според законот, е од една до пет години затвор.
Според Бислимовска од сите изведени докази во главната расправа не произлегло дека обвинетиот Зоран Заев прибавил каква било имотна корист. И сведокот Иван Николов кажал дека не дал пари и дека Заев не примил поткуп. Обвинителката кажа дека Николов не бил јасен, ги менувал ставовите и дал различни изјави пред Јавното обвинителство и во судот.
Адвокатот Филип Медарски пред Судот посочи дека од доказите на Обвинителството и од изјавите на сведокот Иван Николов не произлегува дека Заев побарал пари и поради тоа побара обвинетиот да биде ослободен од обвинението.
Заев очекува ослободителна пресуда во овој судски процес, бидејќи како што изјави, се работи за монтиран случај со цел да биде спречен да ги објави „прислушуваните разговори“.
Премиерот Зоран Заев е обвинет дека како градоначалник на Струмица побарал поткуп од 160.000 евра од бизнисменот Иван Николов Сачевалиев.
Специјалното јавно обвинителство, во завршните зборови за предметот „Тенк“, побара Судот да ги прогласи за виновни поранешниот премиер Никола Груевски и поранешниот помошник-министер во МНР Ѓоко Поповски, како и да ги платат судските трошоци во висина од 313.160 денари.
Обвинителот Гаврил Бубески побара Судот при утврдување на кривичната одговорност на обвинтетите да ги имаат предвид отежнителните околности дека Груевски дејствувал со директна умисла додека бил премиер и делото го направил од лична желба, но со буџетски средства, а како олеснителна околност неговата семејна состојба.
На новинарско прашање по завршување на рочиштето за висината на казните на обвинетите, Бубески, рече дека за Ѓоко Попоски е предвидена казна затвор од пет до 15 години, додека за Никола Груевски е предвидена казна затвор од една до три години и дека очекуваат во тие рамки да се движи и Судот.
Обвинетиот Никола Груевски во завршен збор наведе дека овие судски процеси се класично политички и ова судење е дел од една политичка хајка против него и неговите соработници.
Во „Тенк“ обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот помошник министер во МВР Ѓоко Поповски и поранешната министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, за која постапката е издвоена поради „ризична бременост“.