Триесетта жртва во Сирија од Македонија


Осумнаесетгодишна девојка од Куманово загина војувајќи за терористичката „Исламска држава“ (ИСИС). Таа е најновата жртва од земјава што го загуби животот на боиштата на Блискиот Исток. Досега, во Сирија и во Ирак, настрадаа над триесет македонски државјани. Околу 150 заминаа да се борат за ИСИС, а седумдесетина се вратија и тие се темпирана бомба, и покрај тоа што судирите таму, односно самоубиствените напади во Европа веќе не се со тој интензитет каков што беа до пред една-две години кога и силата на исламистите беше на повисоко ниво.

Веста за смртта на кумановската тинејџерка З.К. ја потврдија нејзини блиски роднини. Таа замина во Сирија со неполни 16 години, што беше огромно изненадување за сите што ја познаваа, имајќи предвид дека доаѓа од семејство на познат бизнисмен, била одлична ученичка и никогаш не покажувала знаци на радикално однесување. Службите претпоставуваат дека била врбувана од повозрасни кумановци, повратници од Сирија, како и преку социјалните мрежи, каде што во тоа време се вршеше масовна мобилизација.

Главно, врбуваат млади и претежно сиромашни лица, кои не гледаат перспектива во сопствената земја, не се образувани, немаат семејства или имаат проблем со законот, алкохолот, дрогата… Ги залудуваат со фанатизам и им ветуваат поубав живот за нив, за семејствата, како и после на небото по смртта. Но има и исклучоци, кога добро стоечки фамилии се откажуваат од овдешната Исламска верска заедница и преминуваат во џамии што се под ингеренции на оџи што ги проповедаат идеалите на радикалистите“, тврдат припадници на безбедносните служби.

Официјални податоци колку македонски државјани заминале да се борат за ИСИС нема и не може да има бидејќи тие не се пријавуваат, имајќи предвид дека учество во странски војски и формации е казниво со закон, ами најчесто регуларно патуваат до Истанбул, каде што ги дочекуваат и ги префрлаат преку граница. Професорот на Факултетот за безбедност Злате Димовски вели дека според податоците добиени однадвор, станува збор за бројка од приближно 145 наши луѓе.

Од нив, околу 70 се вратени во Македонија и на нив треба посебно да се внимава. Тие биле под оружје и се силно индоктринирани, па сѐ зависи од тоа колку и како ќе ги доживеат реалните состојби во земјава, оти под влијание на нивните средини можат во секој момент да ја изразат својата екстремност и радикалност, особено доколку се почувствуваат виктимизирани или не можат да се пронајдат во нашиот систем“, објаснува Димовски.

Експертите за безбедност предупредуваат дека „тројките“, „петките“ и „седумките“, односно групи што функционираат по толку луѓе, се најголемата опасност за европските земји. Станува збор за „замрзнати“ терористички ќелии, луѓе што се меѓу нас, што не отскокнуваат со своето однесување, а кои всушност се обучени да извршат напади кога за тоа ќе добијат директива. Тие се обучени и подготвени да се активираат кога најмалку се очекува. Според начинот на работа, најпрво го снимаат теренот, ги набљудуваат лицата, градат логистичка поддршка и штом завршат со сите подготовки – го извршуваат нападот. Се формираат во помал број за да можат да бидат пофлексибилни, подинамични, многу лесно комуницираат меѓу себе. Организирани се беспрекорно, контактираат само со еден од повисоките кругови кој, пак, не ги знае тие што се над него. Комуникацијата им се одвива во шифри, користат псевдоними или прекари, како и „шатровачки“ говор, па дури и ако се следени од службите, тешко можат да бидат препознаени.

По губењето на моќта на исламистите и слабеењето на т.н. „Исламска држава“, се намали и активното учество на македонски државјани, а сѐ поретко стигнуваат и вести за нивно загинување на боиштата. Според проценките на безбедносните служби, досега загинале од 30 до 35 наши сограѓани. Најголемиот дел од нив се закопуваат таму, односно нивните тела не се враќаат во земјава. Првата жртва е забележана кон крајот на мај 2013 година кога загина 28-годишен жител на гостиварското село Беловишта.

Голем број меѓународни служби и институции пишуваа изминативе години дека Балканот е регрутен центар за џихадисти, посочувајќи оти во рамките на ИСИС во моментов функционираат повеќе од илјада радикални исламисти со потекло од овие простори. Според нивните податоци, четири џамии во Скопје се под влијание на вахабистите, кои заедно со уште неколку џамии во Косово и во Босна и Херцеговина важат за извор на џихадизмот на Балканот. ИСИС неколку пати се закани дека во Македонија, како и во Србија, Косово и во Албанија ќе организира серија терористички напади, повикувајќи ги муслиманите од Балканот да го следат „повикот на калифатот“, односно да воспостават исламски систем. Безбедносните експерти предупредуваа дека алармот секогаш треба да биде вклучен, но оти реално Македонија не е на мапата на исламистите, туку дека тоа пред сѐ се државите што се дел од коалицијата што изведува воени операции против нив.

Горан Адамовски