„Титаник“ одложен за 12 април


Судијата Осман Шабани го одложи судењето за предметот „Титаник“ на СЈО за 12 април, за да може одбраната на обвинетите да изврши увид во доказните материјали.

Одбраната на обвинетите на почетокот од судењето што се одржува во новата зграда на Кривичниот суд, побара одложување на денешното рочиште за да извршат увид во доказите и да се подготват за главната расправа. Одбраната бара судот да ги одложи и наредните три рочишта закажани за овој месец, а времето да биде искористено за увид во списите на предметот. Дел од адвокатите рекоа дека воопшто не добиле ЦД со доказни материјали кои се на 25.000 страници.

Од СЈО беа против и сметаат дека предлогот на одбраната е со цел да се одолговлечи постапката. Обвинителката Лиле Стефановска побара предлогот да биде одбиен како неоснован.

Судијата Осман Шабани на денешното рочиште ги опомена обвинетите да не ги користат мобилните телефони во судницата.

Доколку не го почитуваат тоа, најави дека на следното рочиште ќе им бидат одземени од судската полиција.

Обвинетите, меѓу кои и поранешниот премиер Никола Груевски и уште 20 лица, присуствуваа на денешното рочиште. Груевски го бранат шест адвокати: Дончо Наков, Стерјо Зиков, Димитар Дангов, Сања Алексиќ, Боро Тасевски и Еленко Миланов.

Во „Титаник“, што е прв случај обелоденет од СЈО, покрај Груевски, обвинети се и поранешните функционери Мартин Протуѓер, Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска Бошковски, како и Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристовски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашајковска.

Тие се осомничени од СЈО за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања во 2012 година.