Ташковиќ бил избран на оглас, исполнувал критериуми


На 28 ноември минатата година Владата именуваше нови меѓународни членови на Комитетот при Фондот за иновации и технолошки развој и тоа: Кларис Бехар Молад – претседател, Дон Левис, Никос Георгоулас, Глигор Ташковиќ и Авинаш Сахи. Изборот на петте меѓународни експерти, членови на Комитетот е направен врз основа на оглас од страна на Владата на Република Макеоднија на сајтот на „The Economist“ од 19 октомври 2017 година во времетраење од 15 дена, извести Владата откако „Независен весник“ објави дека и Ташковиќ е меѓу функционерите од времето на Груевски на кои им се дава шанса и во владата на Заев.

Според известувањето, изборот бил направен врз основа на критериуми за меѓународно експертско искуство во областа на инвестициите, со магистратура или докторат по економија, бизнис администрација, јавни политики, технички науки и инжинерство, флексибилност за бизнис патувања во Македонија за активно да учествува на состаноците на Комитетот и да нема судски кривични спорови.

Биографиите на овие пет меѓународни експерти се достапни на сајтот на Фондот за иновации и технолошки развој.

Јавноста негодува за изборот на кадри од страна на Владата. Претхоно, и Лазар Еленовски беше назначан за владин претставник во НАТО. И Еленовски и Ташковиќ се добро познати кадри од времето на Никола Груевски и неговото владеење. Текстот на “Независен весник“ за реакциите околу изборот на Ташковиќ може да го прочитате ТУКА.