Тачи е сигурен дека Србија ќе го признае Косово


Претсдедателот на Косово Хашим Тачи вели дека е сигурен дека Косово ќе биде признаено од Србија, без оглед на тоа што шефот на српската дипломатија Ивица Дачиќ рече дека то може да се случи „само кога врбата ќе роди грозје“.

Изјавата на Дачиќ, според косовскиот претседател, е едноставно изборна парола.

– Не сакам да ги коментирам изборните изјави во Србија, но ние во Косово треба да се фокусираме на постигнувањето договор, изјави Тачи на денешната прес-конференција, на која порача дека „ниту Србија не може да направи ниеден чекор напред кон евроинтеграциите без мировен договор со Косово“.

Тачи и денеска ја повтори неговата заложба за „корекција на границата“ со Србија, под што тој подразбира припојување кон Косово на Прешевската Долина, регион во јужна Србија населен со мнозинско албанско население. Тоа, според него, не значи дека ќе има размена на територии, односно Косово за возврат нема да го даде на Србија својот северен дел, населен со српско мнозинство.

Косовскиот претседател рече дека не верува оти некој од водачите на државните институции е против обединувањето на Прешевската Долина со Косово.

– Носителите на институциите во Косово се единствени во уверувањето за неопходноста од дијалог и постигнување договор на Косово со Србија, кој подразбира меѓусебно признавање, изјави Тачи, нагласувајќи дека корекцијата на границата ќе придонесе за постигнување на оваа конечна цел.