СЈО бара преведувач за плата од 1.500 евра месечно


Јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, односно СЈО, бара преведувач кој ќе го плаќа 1.500 евра месечно. Обврска на ангажираниот преведувач ќе биде дневно да преведува 10 страници, односно 1.800 јазични знаци. Ќе треба да преведува и од македонски на англиски јазик и обратно.

Во тендерската документација е наведено дека договорот што ќе го склучи СЈО ќе биде на една година.

„Договорниот орган не е во можност однапред да го дефинира обемот на потребите изразен во страни, но договорот ќе биде склучен на износ од 1.200.000 ден без ДДВ“, стои како напомена во објавениот оглас.

Услов за потпишување на договорот со избраниот најповолен понудувач е обезбедување гаранција за квалитетно извршување на договорот во висина од 10 отсто од вредноста на договорот. Во техничката спецификација нема дополнителни критериуми што физичкото или правното лице треба да ги исполни.

Тендерот е отворен до крајот на февруари кога СЈО ќе избира најповолна понуда. Критериумот за потпишување на договрот е најниска цена, која ќе биде прифатлива за обвинителството. (Д.Т.Д.)