Сѐ тече во судството, само Судскиот совет не се менува


Речиси во исто време додека заменик-министерот за правда Оливер Ристовски ги објаснуваше во Владата реформите во областа на судството, за кои е постигнат договор со опозицијата, Судскиот совет донесе одлука зад затворени врати да расправа за Автоматизираниот компјутерски систем за управување со судските предмети (АКМИС), за кој имаше многубројни укажувања за неправилности.

Претходно, Судскиот совет реши да не избере претседател на скопскиот Апелациски суд, туку ја назначи Лидија Димчевска за в.д претседателка, затоа што во меѓувреме треба да се спроведе вонредно оценување на кандидатите. Инаку, Димчевска е судијката која пред неколку години ја потврди пресудата според која претседателот на НСДП, Тито Петковски, требаше да му исплати околу 12 илјади евра на тогашниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, кој тужеше за клевета. Причина за тужбата беше изјавата на Петковски дека премиерот со официјално писмо до генералниот секретар на ОН во 2008 година предложил новото име на земјава да биде „Република Македонија – Скопје“. Димчевска, исто така, е една од судијките кои ја потврдија пресудата за клевета по тужбата што поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, ја поднесе против новинари во „Фокус“.

Одлуката на вчерашната седница да не се избира претседател на Апелацискиот суд, иако досегашната претседателка Љиљана Ивановска-Шопова заминува во пензија, Судскиот совет ја донесе откако членот Влатко Самарџиски побара вонредно оценување на кандидатите. Според него,  некои од кандидатите од Кривичниот суд биле ниско рангирани поради злоупотреби со годишниот распоред на судиите. Предлогот на Самарџиски го поддржаа осум члена на Советот, а шест беа против.Наспроти тоа, Александра Зафировска, поранешната претседателка на Судскиот совет, се спротивстави за вонредното оценување на судиите, оценувајќи дека предлогот е задоцнет.

Самарџиски, исто така, бараше разгледувањето на АКМИС да биде јавно, посочувајќи дека е декласифициран и ѝ е познат на јавноста, но неговиот предлог беше одбиен од другите членови. Според претседателот на Советот, Зоран Караџовски, расправата треба да биде затворена за јавноста за да се зачува интегритетот на судиите.

Извештајот за АКМИС  беше декласифициран минатиот месец, на барање на Обвинителството и на Судскиот совет. Во него, како што објавија дел од медиумите, било наведено дека судијата Стојанче Рибарев, кој беше в.д. претседател на скопскиот Кривичен суд, кажал дека постои двоен АКМИС. Односно, тој посочил дека во судот постои рачна распределба на предмети, така што при заведување на предметите во надлежност на судија на претходна постапка и на кривичен совет во неколку битни оддели не се користел системот за автоматска распределба на предметите. Нотирано е  дека конкретни предмети од еден судија се давале на друг судија, а судии биле исклучувани од АКМИС по разни основи, само со потпис на претходниот претседател на судот.

Додека Советот заседаваше, од Владата дојде информацијата дека ќе се менува концептот и на ова тело кое е надлежно за избор и разрешување судии. Но, тоа е предвидено со следната фаза судски реформи, кои би се спровеле кон средината на годината. Заменик-министерот за правда Оливер Ристовски соопшти дека е постигната согласност со опозицијата и дека  реформските закони од областа на судството  наскоро ќе бидат пуштени во собраниска процедура. Усогласувањето на оваа регулатива се одвиваше преку работните групи што ги формираа ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, при што беше приоритет да се постигне консензус за законите за кои е потребно двотретинско мнозинство.Забелешките на ВМРО-ДПМНЕ  биле прифатени и вградени во предложените решенија. Останала, според Ристовски, уште една пообемна измена што треба да се донесе во јуни или во јули годинава, а се однесува на депрофесионализација на Судскиот совет по препораките на Прибе и Венециската комисија. И овие измени, како што рече, ќе се подготвуваат во соработка со опозицијата.

– Се размислува избраните судии што ќе бидат членови на Судскиот совет да продолжат да судат во судовите во кои работеле дотогаш, а функцијата во Советот да ја извршуваат дополнително. Нормата за предмети што мора да ги пресудат ќе им биде намалена – рече Ристовски.Тој истакна дека ова решение се наметнало поради тоа што функцијата во Судскиот совет е на шест години, со можност за продолжување за уште шест, што би значело преголемо оддалечување на судиите од работата што ја извршувале и ќе треба во иднина да ја извршуваат. (А.М.М.)

Оценки за судиите на секои две години

Основна цел на измените и дополнувањата на Законот за Судски совет, за чие изгласување е потребно двотретинско мнозинство во Собранието, е внесување мерливи квалитативни критериуми за оценување на работата на судиите и на претседателите на судови на секои две години. Притоа се внимавало на целосна избалансираност на критериумите во системот на оценувањето, а истовремено се интервенира и во одредбите за член на Совет со право на глас, рангирање на кандидати за избор на судии во повисок суд, се зајакнува одговорноста во работата на Советот…

Измените и дополнувањата на Законот за судовите, пак, произлегуваат од потребата за реформа на судството, зацртана во Стратегијата за реформа на правосудниот систем. За да се реши проблемот со недостиг на судии поротници, се предвидува да може да се аплицира со минимум средно образование, за разлика од досега кога сѐ било потребно високо образование, а се зголемува и дневницата која би требало да изнесува околу 500 денари, што, како што рече Ристовски, е зголемување за 2,5 пати од досегашната дневница.