Сугарески: Бројните експропријации проблем за гасификацијата кај Прилеп и Тетово
Значителен дел од планираните 2,19 милијарди денари за процесот за гасификација со Предлог буџетот за 2018 година се наменети за бројните експропријации на земјиштето, кои се клучен проблем за овој проект, информира денеска министерот за транспорт и врски Горан Сугарески.
Конкретно, наведе има сериозен проблем на кракот за поврзување од Неготино до Битола, во делот пред Прилеп, каде се регистрирани огромен број експропријации, а ист е случајот и кон Тетово. Добар дел од средствата што се предвидени за гасификацијата се однесуваат за експропријацијата на земјиштето која треба да се направи со цел да се излезе побргу од таа работа и да може да се догради гасоводниот систем, изјави Сугарески, одговарајќи на новинарски прашања при учеството на форумот „Регулатива од областа на просторното планирање, градежно земјиште и поставки за градење“.
Министерот потенцираше дека гасификацијата, за која со планираните капиталните инвестиции за следната година се одвоени 310 милиони денари повеќе од лани, е исклучително значаен проект за граѓаните и дел од владината програма.
Во буџетот за следната година на Министерството за транспорт и врски се предвидени зголемени капитални расходи за изградба на гасоводот во износ од 150 милиони денари, 50 милиони денари за Жичарата, по 20 милиони денари повеќе за изградба на социјални станови и за инфаструктурно уредување на зоната во Визбегово, како и дополнителни 63 милиони денари за проектот „Сончев град“.
Министерството за транспорт догодина, според предложениот буџет, ќе треба да ги намали трошоците за патувања, за договорни и капитални услуги и за останати непродуктивни трошења.
Предвидените 3,5 милијарда денари за патната и железничката инфраструктура со Предлог-буџетот за 2018 година, меѓу останатото се наменети за автопатот Демир Капија-Смоквица, кој, како што потенцира Сугарески, се очекува да биде завршен наредната година, за обнова на повеќе патишта, интензивирање на изградбата на железничката пруга од Коридорот 8, доизградба на пругата Битола – Кременица, обнова на железничката инфраструктура на Коридорот 10, изградба на патен правец Градско-Дреново…