Стрелите на Заев кон ДУИ


Наум Котевски

Година и половина по формирањето на владата, почнаа јавно да летаат искри меѓу двата коалициски стожери, СДСМ и ДУИ. Првпат нивните политички првенци фокусирани на НАТО и ЕУ-интеграциите си удрија по некоја чврга на јавна сцена, па тргнаа да демантираат дека тоа било благо местење на фризурите разлетани од скопскиот ветер што деновиве го нема.

Стрелите на релација „Бихаќска“ – Мала Речица започнаа да летаат откако вицепремиерот Бујар Османи истакна дека нема потреба Законот за јазиците да се испрати на оценка во Венециската комисија сè додека претставник на Македонија таму е професорката Тања Каракамишева, за која вели дека би влијаела врз членовите, па оттаму одлуката не би била објективна. Кратко потоа, премиерот Зоран Заев соопшти дека Законот за јазици е испратен на разгледување, и тоа во целина. Тој го потсети, како што рече неговиот пријател, вицепремиерот Бујар Османи, дека според Уставот албанскиот е втор, а македонскиот јазик е прв официјален јазик во Македонија и единствен официјален за меѓународна употреба. Заев порача дека има криза поради тоа што некои политичари сакаат да се китат со туѓи перја бидејќи овој закон не е само на ДУИ.

„Не ми требаат мене национализми од ниедна страна. Како што јас како Македонец внимавам на моите сограѓани Албанци, така и колегите Албанци треба да внимаваат на сограѓаните Македонци “, ќе „удри“ Заев (нетипично за него) сакајќи можеби да каже дека нема намера повеќе да потпишува „интегративни фактури“ заради нивната лојалност. Заев дури го нарече „шверцерски“ предлогот на главниот политички преговарач на Македонија за членство во ЕУ и вицепремиер Османи.

Огнот вчера брзо се обидоа да го изгасат редица владини функционери. Османи, кој свика координативно владино тело за имплементација на Законот за употреба на јазиците само со министри од ДУИ, ретерираше и убедуваше дека нема конфликт меѓу коалициските партнери во однос на имплементацијата на Законот за јазици. Истото го тврдеше и владиниот портпарол Миле Бошњаковски, а вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска различниот став го нарече богатство.

Факт е дека коалициските партнери, како што вели Шекеринска, имаа претходно изграден консензус околу сите крупни прашања и да не беше тој консензус прашање е дали земјата ќе беше пред портите на НАТО. Но очигледно е дека ова што се случува сега е надвор од вообичаените „меѓупартиски конфронтации“ и дека некои работи кои се ставеле под тепих заради повисоката цел допрва ќе излегуваат на површина.

Нејасно е засега дали овој коалициски клинч е резултат на подлабок раздор кој би предизвикал посериозни последици, но она што е сосема јасно е дека постои одредена неурамнотеженост уште од стартот во „бракот од интерес“ на двете партии. СДСМ влезе во неминовната коалиција со ДУИ со огромен товар. Кај граѓаните сè уште ѕвонат зборовите на Заев дека ништо од тоа што го направил Никола Груевски, од криминал и корупција, до удар врз човековите слободи и права, не би можел да го стори без знаење и поддршка од неговиот коалициски партнер ДУИ. Засега на никој од нив влакно не му фали.

Подолг период во политичките кругови се шпекулира дека социјалдемократите, кои не се чесни сестри, па и самите ревносно си заработија низа морални и корупциски дамки, ќе го толерираат несоодветното политичко поведение на ДУИ се до ратификацијата на договорот со Грција и ревизијата на Уставот (во кој беа инкорпорирани и одреден корпус етнички барања) како најголемиот влог за македонската иднина. Токму оваа остра престрелка се толкува како можен почеток на поголемо заострување на односите, иако може да има своевиден „тајм аут“ до претседателските избори каде што СДСМ очекува реципрочна услуга за помошта што и ја даде на ДУИ на локалните избори. Но она што веќе јавно се говори и во албанскиот политички кампус е дека за СДСМ политичката „куповна“ моќ на ДУИ драстично паѓа, како што паѓа нивниот партиски рејтинг.

Деновите што доаѓаа по падот на претходниот режим значеа надеж за изградба на нови политички институции, нови вредности кои ќе се штитат, па со самото тоа и Уставот како највисок правен акт во државата со кој се поставуваат темелите на политичкиот и правниот поредок. Со важни политички потези Македонија започна солидно да раскрстува со проблемите околу европските вредности и еднаквоста на сите граѓани. Но очигледно и во така видно изменет политички амбиент најголемата албанска партија во рамките на своите интегративни заложби контрадикторно наметнува етноцентрична идеологија и она што треба да биде крајна нормалност го претставува како сопствена политичка „вуду-магија“ – па нивните првенци агресивно и триумфално „орелски“ мавтаат. СДСМ, покрај своите грешки, сè повеќе губи и кај македонскиот и кај албанскиот електорат и поради коалицијата со интегративците чии министри и раководители на јавни претпријатија зрачат со некомпентенции и инволвираност во скандали. Али Ахмети, лидерот на ДУИ, кој се придружи кон движењето „антикоцкање“, реши да се коцка со неказнивост на своите во интегративно јадро.

Интересна беше вчера исто така веста дека предлог-законот, со кој потпретседателите на Владата ќе добиваат поголеми плати за 8.027 денари, е ставен на дневен ред на гласање в понеделник во Собранието. Под претпоставка дека веднаш ќе биде објавен и ќе стапи во сила, во тој случај поголема февруарската плата ќе добијат министрите Оливер Спасовски, Радмила Шекеринска, Бујар Османи, Кочо Анѓушев и ревијалниот член на Владата, Хазби Лика. Може само да се претпостави реакцијата кај јавноста.