Службите и прислушувањето сѐ уште без цивилна контрола


Иако поминаа речиси три години од објавувањето на извештајот за Македонија на експертскиот тим на ЕК, како и околу осум месеци од смената на власта, но и на распоредот на сили во законодавниот дом, парламентот сѐ уште не може да воспостави ефикасен надзор над безбедносните служби и над посебните истражни мерки (ПИ-мерки) за следење на комуникациите. Прашањето што беше слаба алка во сите изминати години и на кое беа посветени и дел од „бомбите“ што ги објавуваше поранешната опозицијата, во однос на несоработката на МВР и разузнавачките служби со надзорните собраниски тела, останува отворено и во екот на реформскиот процес по смената на власта.
По 11 години, ВМРО-ДПМНЕ сега како најголема опозициска партија, го презема раководењето со двете надзорни комисии во Собранието, каде што за претседатели постави искусни политичари и поранешни високи државни функционери. Долгогодишниот спикер Трајко Вељаноски ја предводи Комисијата за надзор над работата на Управата и безбедност и контраразузнавање (УБК) и на Агенцијата за разузнавање (АР), додека претходниот (технички) премиер Емил Димитриев, во чие време и се подготвуваше извештајот на тимот на Рајнхард Прибе, ја води Комисијата за надзор над мерките за следење на комуникациите – односно за воспоставување парламентарна контрола над прислушувањето.
Неколкумесечниот парламентарен бојкот на опозицијата е една од причините поради кои двете надзорни комисии не заседаваа во изминатите месеци. Сепак, Димитриев вели дека има постојана координација меѓу членовите на неговата Комисија, вклучително со пратениците на владејачките партии.
„Ние ја следиме одлуката на партијата за неучество во парламентот, ама сме во постојана неформална комуникација како Комисија, главно преку Институтот ДЦАФ од Женева, кој обезбедува експертска помош за тоа како да се обезбеди суштински, а не само формален надзор над следењето на комуникациите“, вели Димитриев.
Тој вели дека опозицијата и парламентарното мнозинство се координираат и околу измените на Законот за следење на комуникациите и формирањето на ОТА, која треба да ја сублимира работата на безбедносните служби. Оценува и дека за да се обезбеди реален надзор над службите и прислушувањето владејачката гарнитура треба да прифати дел од предлозите на опозицијата кои, според него, во голем дел се поклопувале со сугестиите на експертите за оваа проблематика.
„Ние имаме средби во МВР, ќе ни обезбедат и увид во компјутерите за изречените ПИ-мерки, ама сепак, тоа е само формален надзор. Една од основните работи е во надзорните комисии да се ангажираат експерти за одредени прашања, како информатичари, правници, бидејќи членови на тие тела се главно луѓе од политиката“, вели Димитриев.
Токму аферата со масовното нелегално прислушување во мандатот на владата на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, а кое го откри СДСМ додека беше во опозиција, ја предизвика големата политичка криза која доведе до преговорите во Пржино, додека ЕК испрати експертски тим во земјава за да ја скенира ситуацијата со институциите. Големите пропусти што ги нотираа европските сега се основа за реформските закони што ги подготвува новата влада (дел од нив веќе се и во собраниска процедура), а за кои се бара консензус со опозицијата. Едно од тие прашања е и законот за следење на комуникациите, кој всушност го регулира прислушувањето во случај на изречен ПИ-мерки.
Забелешките и препораките во извештајот на Прибе, всушност, во најголем дел се однесуваат на следењето на комуникациите, состојбата со безбедносните служби и неможноста да се воспостави парламентарен надзор над нив. Во извештајот се посочува дека комисиите ги немаат потребните технички познавања за прибирање податоци од апаратите на УБК или од телекомуникациските оператори со цел да го спореди бројот на прислушувања со бројот на издадени наредби од страна на судот, заради воочување на злоупотреба. Исто така, комисиите се спречени да вршат инспекции во УБК, имајќи предвид дека секогаш постои еден или два члена што нема безбедносен сертификат за пристап до класифицирани информации, како што се податоците за прислушување. Прибе препорачува парламентарните комисии да се среќаваат редовно, со учество на сите партии избрани во парламентот. Потоа се сугерира дека неопходноста од поседување безбедносен сертификат не смее да се користи како причина за одложување на работата на комисиите и постапката за доделување безбедносен сертификат треба да се забрза. Треба да се дозволи на членовите на Комисијата да им помагаат технички експерти, а парламентот треба да инсистира институциите строго да ги почитуваат обврските за известување, се наведува меѓу другото во извештајот на Прибе. Александра М.Митевска