Скопје во ѓубре: Недостига систем, чистачи, возила и култура


Сцената што ги скандализираше скопјани – купиштата смет фрлени долу од прозорците на студентскиот дом „Пелагонија“ во Скопје – ги испровоцира градските власти да го исчистат ѓубрето што под својот нос го оставија идните академски граѓани. Акцијата продолжи и низ другите студентски домови и училишта низ градот бидејќи стана јасно дека не станува збор за еколошки „инцидент“, туку секојдневје и стил на однесување. „Независен весник“ истражуваше кој е виновен за хигиенскиот хаос во македонската метропола, зошто граѓаните кон градот од аспект на чистотата се однесуваат како да се само на минување, зошто институциите недоволно едуцираат, а потоа и чистат и како да го промениме тоа.
Зад студентскиот дом „Пелагонија“ во населбата Кисела Вода и вчера беа расфрлани десетици лименки пиво и остатоци од храна. Цели вреќи со шут и кеси со ѓубре беа распослани веднаш преку оградата на домот. На неколку метри од нив има три контејнери. Празни се.
Обвивки од слатки, хартиени марамчиња и пластични шишиња што се рециклираат речиси во цела Европа, во Скопје се вообичаена слика на улиците. Улогата на кантите за ѓубре останува занемарена, а отпадоци има и во парковите, на трева, на клупите, на станиците, во автобуси, во училишта и во градинките. На прашањето зошто е тоа така и толку ли е тешко да се сочува ѓубрето до првата корпа или контејнер, социологот Илија Ацески, кој го има истражувано односот на луѓето кон околината и средината, забележува оти сите општества, држави или заедници што имаат годишен БДП помал од пет-шест илјади долари се соочуваат со проблемот на хигиена.
„Кај средените општества, од најмала возраст се учат правилата на однесување. Едукацијата почнува уште во градинките, се пренесува во повисоките степени на образование, а важна улога игра и семејството. Тоа недостига кај нас. Воспитно-образовните институции и семејствата се првиот медиум кој на децата треба да им всади љубов кон здравата средина“, вели Ацески.
Тој објаснува дека во ситуација кога голем број граѓани едвај фаќаат крај со крај, а дел од нив се соочуваат со супстандардни услови за живеење, илузорно е да се очекува висок степен на свесност кон здравата средина.
„Едноставно, тие се преоптоварени со други проблеми, така што за нив проблемот со хигиената или загадувањето воопшто и не постои. Сите ние сме под притисок на нездрав начин на живот. Нè потиштува тоа што работите во целина не зависат од нас, тоа нè дерогира да се однесуваме поодговорно, гледаме што прават другите, па си велиме тогаш и јас ќе го правам истото, но сепак, мора да почнеме од некаде“, заклучува професорот Ацески.

Без зеленило, план на градење, со кал и прашина

Невладините организации оценуваат дека Скопје генерално е валкан град, без план на градење, без доволно зелени површини, без квалитетен систем на отпусни води, без нормални тротоари, со кал, прашина…
„Состојбата со хигиената внатре и околу градот може и мора да биде подобра. Скопје дури и не е на нивото од посиромашните градови во соседството. Би издвоил два големи проблеми: едниот е недоволната инфраструктура, а другата е ниската свест на граѓаните. Институциите мора многу повеќе да вложуваат во собирањето и селекцијата на отпадот. За волја на вистината, јавното претпријатие ‘Комунална хигиена’ во последните месеци е силно активно на терен, реагира правовремено, чисти, средува, но не би стигнале ниту илјада луѓе да исчистат, ако илјадници, десетици или стотици илјади граѓани истовремено валкаат“, предупредува Блаже Јосифовски од невладината „Ајде Македонија“.
Во нивниот фокус е влијаењето на однесувањето и менувањето на ставот на јавноста, приватниот и граѓанскиот сектор кон повеќе издржливи практики за справување со отпад преку едукација и кревање на свесноста, понуда на услуги и активности од страна на граѓанскиот сектор.
„Страшен е податокот дека само во Скопје има неколку стотини диви депонии. Точниот број не можеме да го утврдиме, затоа што едни се затвораат, други се отвораат. Селата што гравитираат околу Скопје се посебна приказна, тие си имаат свои депонии што опстојуваат со години и кои се извор на болести“, потенцира Јосифовски. Директорот на „Комунална хигиена“, Абдусамед Шабани, дополнува дека дивите депонии настануваат како резултат на несовесното одлагање на отпадот.
„На подрачјето од градот Скопје лани расчистивме и подигнавме 5.144 кубни метри отпад од диви депонии што претставува зголемување од 516 отсто во однос на претходната година. Секое исфрлање на отпад на јавни површини претставува кршење на Законот за јавна чистота и подлежи на санкции. Во таа насока, нашата екопатрола реализираше голем број акции и дежурства во координација со комуналните редари од Инспекторатот на Град Скопје. Во 2018 година, екопатролата изготви 1.400 информативно-едукативни записници за несовесните граѓани, што резултираше со значително намалена појава на диви депонии и непрописно одлагање отпад. Ние знаеме дека навиките се стекнуваат од најмала возраст и токму затоа нашата Служба за едукација одржа предавање за правилно постапување и селекција на отпадот во 37 основни училишта и во 20 градинки. Покрај тоа, реализиравме и низа екоманифестации наменети за најмладите“, посочува Шабани.
Тој вели дека иако со доста проблеми, секојдневно успеваат во три смени да го соберат и транспортираат отпадот од домаќинствата во градот и во руралните подрачја, како и од 600 стопански субјекти.
„Само лани собравме и транспортиравме вкупно 140.809 тони комунален отпад. Ја одржуваме хигиената на шест милиони квадратни метри јавни и сообраќајни површини што подразбира нивно метење и миење. Тешко се справуваме во делот на комуналните возила, имаме стар возен парк, улиците се сè потесни и потесни, тешко се движиме“, нагласува директорот Шабани.
Во „Комунална хигиена“ има 1.058 вработени, од кои 150 сезонци ангажирани преку Град Скопје и 250 преку Агенциите за привремено вработување. Повеќето од нив се вработени во секторот за хигиена (метачи, возачи, собирачи), а преостанатите се во секторот за одржување и во административниот дел.

Селекција и реупотреба на отпадот

На почетокот од годината беа објавени огласи за 300 вработувања во ова претпријатие. Подоцна беше објаснето дека, всушност, станувало збор за регулирање на статусот на лица кои и по десетина години биле ангажирани преку Агенцијата за привремени вработувања. Дури 90 отсто од нив се метачи и чистачи на улици, како најмногу потребни во моментов.
„Во институциите имаме превработеност од кадри што не служат никому и за ништо. Во ‘Комунална хигиена’ имаме и друг процес во кој за луѓето што работат или треба да се вработат велиме дека се ѓубреџии, односно дека таму најчесто завршуваат луѓе што немаат високи интелектуални способности и се гледаат како мануелци, па тие места се неатрактивни. Претпријатието мора да работи поефикасно, да биде поодговорно, да има план и визија, да подготви реален буџет и да прифати фер-систем за наплата. Не да наплаќа по квадратен метар, туку по создадено производство отпад. Просто: колку ѓубре правиш – толку да плаќаш. Не може еден човек, кој живее сам во стан од 100 квадрати да плаќа повеќе отколку четиричлено семејство кое живее во помал стан, а секако дека создава повеќе ѓубре. Ова е најлесниот метод на наплата и затоа го прифатија. Значи, вработувањата во ‘Комунална хигиена’ да бидат поструктурни, а не да се полни администрацијата со партиски кадри“, забележува Антонио Јовановски од Здружението за одржлив развој и заштита на животната средина „Биди зелен“.
Нивната девиза се селекција и реупотреба на отпадот. Како еден од начините за справување на проблемот со ѓубрето го предлагаат кеш-бек системот, кој функционира и во дел од соседните земји, со што за секое собрано пластично шише кое ќе го однесете во маркет или на друго одредено место ќе добиете денар.
„Така би се мобилизирале граѓаните“, уверени се во оваа организација.
Во „Комунална хигиена“ располагаат со стотина возила, но добар дел од нив се во дефект, па прашање е дали некогаш ќе проработат. Во движење се само 26 камиони за собирање ѓубре низ градот и шест за миење на улици. Од претпријатието велат дека пред 30 години имале 40 камиони за миење улици, а според сегашните потреби на градот, треба да имаат 60 за да можат сообраќајниците да се чисти. Поради тоа, Градот Скопје планира набавка на нови контејнери и камиони за собирање на ѓубре. Најавена е и набавка на шест илјади корпи за отпадоци.
Согласно со законските одредби, вработените во „Комунална хигиена“ смеат да собираат само неопасен отпад.
„Опасниот и медицинскиот отпад не се во нашиот домен на работа, иако не ја исклучуваме можноста во контејнерите да се фрла сè и сешто, поради што нашите вработени се изложени на опасности. Кога е во прашање рециклирањето, неодамна почнавме со примарна и секундарна селекција што во следниот период сакаме драстично да ја зголемиме, бидејќи тоа ќе значи оти помалку отпад ќе носиме во ‘Дрисла’ и со самото тоа помалку ќе плаќаме. Од друга страна, имаме и фирми заинтересирани за рециклирана пластика, хартија и стакло. Би сакал уште еднаш да апелирам за подигнување на свеста за штетноста од несовесното одлагање на отпадот. Ѓубрето да го фрлаат само во контејнерите, кантите и корпите за отпадоци, а кабастиот отпад да го депонираат во нашите центри за селекција“, вели директорот Абдусамед Шабани.

Комунална полиција ќе воведува ред
Како една од мерките за намалување на ѓубрето и отпадот во градот е воведување комунална полиција, која ќе ги казнува несовесните граѓани и фирми. По примерот на Белград, при крај е подготовката на нов закон, кој ќе им даде надлежност на комуналните полицајци.
„Законот е во процедура, го подготвува работна група и веќе кон крајот на март треба да влезе во процедура. Дел од сегашните наши 16 комунални редари ќе преминат во комуналната полиција, но ќе има и нови вработувања. Одиме чекор по чекор, а планот е во некое идно време да стигнеме до 120 комунални полицајци, кои би одговарале на потребите на град како Скопје. Што се однесува до казните, тие ќе изнесуваат исто како постојните во Законот за јавна чистота. Висината на казните не се менува“, вели Мирослав Богдановски, раководител на Инспекторатот на Град Скопје.

Горан Адамовски

Фото: Борис Грданоски