„Си рековме: По смртта пепелта да ни биде расфрлена на врв“


Првичниот шок и неверување по дознавањето на веста за смртта на двајцата млади планинари на планината Ниџе, ги замени тага и очај. Семејствата, другарите, пријателите, познаниците, но и луѓе што никогаш не ги сретнале во животот, се простуваат со Калина Велевска (27) и со Александар Миновски (31), кои во саботата вечерта се искачија, но никогаш не се симнаа од Кајмакчалан. Додека трае процедурата за испорака на мртвите тела од Грција во Македонија, нивните блиски се присетуваат на моментите минати со двајцата млади, кои што го живееја животот со полни гради, не помислувавајќи дека од него ќе се простат пред вистински да зачекорат во искушенијата, предизвиците, проблемите и радоста што ги носи.

Новинарката Силвана Жежова вели дека од саботата вечерта нема склопено очи, пред глава постојано ѝ се појавува насмеаното лице на Калина, со која за кратко време склопија трајно пријателство.

„Ние планинарите имаме чувство за време и познанство поинакво отколку  обичните луѓе, затоа што на планина ги делиме истите убавини, ја гледаме преку планинарски очи, уживаме во убавината, дишеме за неа, но во исто време сме свесни колкави предизвици престојат, колку некогаш околностите за искачување се тешки и колкава е борбата сам со себе“, вели Жежова.

Се присетува дека двете биле вљубени во Љуботен и низ смеа за него зборувале како за совршено убав маж. Го гледале од балконите на нивните домови во населбата Карпош и му се воодушевувале.

„И двете пишувавме текстови за тоа што сме го доживеале на планините, и тоа беше уште една нишка што нѐ поврзуваше. Еднаш напишав дека по смртта, сакам телото да ми биде кремирано и пепелта да се расфрла на некој врв. Ми пиша дека и таа слично размислува, па искоментиравме дека би било добро врвот да не е многу далеку за да не ги мачиме најблиските. Прерано дојде тој момент“, тагува Жежова.

Не може да си прости што минатата недела, додека возела велосипед, ја сретнала Калина, но само ја поздравила со рака, бидејќи брзала. Затоа, сега си вети дека штом ќе заздрави повредата на ногата, првото следно качување на планина ќе биде токму на Љуботен и ќе ѝ го посвети на својата другарка.

Доживувања на планините, Велевска ги запишуваше во својот „Дневник на една планинарка“. Пред две години, заедно со другарите спасија 17-годишно момче, кое падна во бездна, чекорејќи кон Титов Врв на Шар Планина. Тие со своите тела го грееја момчето додека дојдат спасувачите.

„Планината нѐ прави среќни, ни ги трга секојдневните грижи, прави да се чувствуваме убаво, ни буди најубави емоции. Сепак, не смееме да заборавиме на нејзината моќ, на нејзината големина и никако не смееме да ѝ водиме инает“, напиша тогаш Велевска.

Дека луѓето, сепак, препознаваат кога се ближи судниот час, или, пак, откако ќе се случи најлошото самите ги толкуваме зборовите и настаните во таа насока, може да се види од последниот нејзин текст напишан пред осум дена по искачувањето на Крепа. Во еден момент, Калина пишува дека заедно со пријателите се потсетиле на Перо Атанасов-Стрела, кој загина една недела претходно на Шар Планина, како и на другите планинари што прерано си заминале.

„Заклучокот од тие муабети секогаш е еден: да се шета, ужива и истражува додека се може, тоа е единствената работа што го забавува стареењето и му дава вистинска смисла на животот“, потенцира Велевска.Во истиот текст, наведува дека на едно место засадила дрвце и го обележала со три камења за наредниот пат кога ќе дојде да види колку пораснало.

И Марио Шаревски, заедно како и Калина и Александар, ја делеше страста кон планините. Вели дека секогаш ќе го памети тридневниот престој во Лазарополе.

„Беше 23 октомври, неработен ден, цело друштво се собравме во куќата на Калина во селото. На почетокот, врнеше дожд и не беше пријатно за печашење. Но, потоа светна сонце, па дури и се капевме во Мала Река кај Еленски мост. Калина беше секогаш насмеана, позитивна… Паметам кога во 2015 година имаше поплави во битолско, со воз отидовме да помогнеме. А колку многу си ја сакаше сестрата? Немаше да помине многу, па ќе спомнеше ‘Јана ова’ или ‘Јана она’“, вели Шаревски.

По завршувањето на Правниот факултет, Калина се вработува во Основното јавно обвинителство. Љубовта кон природата особено се засилува последните пет години, кога успева да добие сертификат за водич.

И во Автомото-сојузот на Македонија вчера како да запре времето. Никој од вработените немаше сила да ги извршува обврските откако се дозна дека Александар Миновски, директор на Одделот за помош на пат и патни информации настрада на Кајмакчалан. Неговите пријатели ни рекоа дека не постои никој толку добар, вреден и позитивен како нивниот Ацко.

„Постојано даваше идеи и предлози, ајде да одиме таму, да правиме нешто… Ќе дојдеше со влезници за некој настан. Тераше здрав живот, здрава исхрана. Планините му беа животот. Многу сакаше да патува, да освојува пространства и врвови. Всушност, таков беше за сѐ во животот. Летото 2016 година, се искачи на Монт Блан, врв висок преку 4.000 метри, а ете, настрада на двојно понизок, ама на планина не вредат правила“, зборуваат неговите другари.

Горан Адамовски