Се бара начин како да се заобиколи Иванов за Закон за јазици
Постојат други начини за Законот за употреба на јазиците да стапи во сила и без потпис на претседателот Ѓорге Иванов, изјави вице-премиерот Бујар Османи, на денешниот брифинг со новинари.
Тој рече дека во насока на деблокада на регулативата за јазиците се консултираат експерти и правници и се разгледуваат компаративни искуства за вакви ситуации. Но, Османи, не откри кои се можните формули Законот да стапи во сила без потписот на Иванов.
Според Османи, Иванов, со “двојното вето“, создава преседан, независно од тоа дали е во прашање регулативата за јазиците или кој било закон.
„Иванов го прекршува Уставот, а непочитувањето на Уставот е кривично дело. Голем преседан е кога Уставот го прекршува првиот човек на државата. Иванов пропушти можност пред крајот на мандатот да се наметне како фактор на кохезија во општеството“, рече Османи.