Селективно извршување на законите


Никола Поповски

Една од вечните теми во политиката е како властите да ги спроведуваат законите што не им се допаѓаат? За жал, во случајот со Македонија се чини дека најчестиот одговор е – селективно. Ќе го илустрираме ова со два случаи во кои сегашната власт постапува различно, односно селективно.

Првиот случај е Законот за данокот на додадена вредност (ДДВ) во делот за оданочување на физичките лица како даночни обврзници, а вториот е Законот за заштита од пушење (или како и вистински да се нарекува) во делот на просторите каде што е забрането да се пуши. Првиот закон власта сака доследно да го применува, иако се чини до вчера не се согласуваше со некои негови одредби, односно висината на персоналните приходи што на годишно ги остваруваат граѓаните како основа за покренување на механизмот на нивно претворање во даночни обврзници за ДДВ. Вториот закон властите не сакаат доследно да го спроведуваат, иако на тоа се обврзани и покрај очигледната нивна несогласност со законот.

Да одиме по ред. Да започнеме од вториот – Законот за заштита од пушење. Со самото доаѓање новата власт соопшти дека сака делумно да ја либерализира забраната за пушење во јавни простории, иако всушност тоа и не е некаква либерализација, туку висок израз на конзервативизам. За тоа, за жал, во Собранието се поднесе и Закон за измени на сегашниот закон – една од ретките појави што претходната катастрофална власт ни го остави во корисно наследство. Имено, веќе неколку месеци во Македонија е очигледна тенденцијата власта да се однесува како законот да е веќе сменет, а јавните простори за пушење се зголемени. На сите ни е јасно и секојдневно видливо, на пример, дека во рестораните, кафеаните, кафулињата и сродните објекти преградени и затворени се огромни простори со стакленици од сите шест страни на просторот каде што несметано се пуши. Практично, се овозможи пушење во затворен простор спротивно на законот и тоа никој не го казнува или санкционира. Тоа се нарекува селективно спроведување на законот и не е добра практика. Селективноста е проширена до таа мера што просторите што се привремено заградени со стакло или пластика во голем број објекти се неколкукратно поголеми од оние што се градежен дел од објектите и се претворени во вистински пушалници каде што не постои воздух за дишење, туку магла од никотински чад што согорува директно од цигарите или претходно се рециклира преку белите дробови на пушачите. Последниве, како и сите други зависници од такви појави, дрско одговараат дека ако некому не му се допаѓа нека не седи таму. Логиката е перверзна до крај, но жално е што власта ја прифати и толерира.

Пред неколку дена имав можност во Охрид да видам една исто така прилично перверзна појава каде што сите летни тераси на објектите темелно се затворени од сите надворешни страни со стакло и во нив наголемо се пуши, а внатрешниот градежен простор каде што наводно не се пуши е со широко отворени подвижни врати и прозори кон надворешниот затворен простор каде што се пуши, па на тој начин всушност насекаде се пуши. Всушност, новата власт дозволи пушачите да почнат да ги тераат непушачите пасивно, но обилно да пушат доколку решат да излезат во некој јавен угостителски објект. Слични се ефектите и насекаде во Македонија, па дури на многу места забраната за пушење воопшто не се почитува и во внатрешните делови на објектите. Сметам дека власта треба сериозно да размисли што прави, па дури и ако 2/3 од населението консумира никотин! Онаа преостаната 1/3 има право на здрав живот, загарантиран од државата.

Да се вратиме сега на разбрануваната јавност по повод одлуката на властите доследно да го спроведат Законот за ДДВ, кој се промени во 2016 година. Тој закон се однесува на фактот дека физичките лица што остваруваат годишни персонални доходи надвор од редовен работен однос, а истите се повисоки од 1 милион денари треба да се регистрираат во УЈП и да плаќаат ДДВ. Претходно, висината на приходите беше поставена на границата од над 2 милиони денари. Оваа проблематика воопшто не е едноставна и лесна за решавање. Прво, пред изборите власта ветуваше дека ќе ја врати границата од 2 милиони денари. Поминува осмиот месец, а законот ниту е донесен ниту е предложен. Второ, обврската за плаќање на ДДВ објективно треба да постои, но треба внимателно да се проучат следниве елементи. Прво, лицата што остваруваат доход во вид на плата во рамки на правните лица (трговски друштва, здруженија, организации и сл.), на доходот на кој плаќаат персонален данок на доход претходно е платен ДДВ согласно закон. Автоматски ако доходот не е од работен однос, обврската за оданочување на новододадената вредност е избегната. Второ, правните и физичките лица што извршуваат слични или исти дејности на пазарот, мора еднакво даночно да се третираат. Ако некој издава станбен простор или нива, ако дава интелектуални услуги или привремено работи нешто друго, како физичко лице добива надомест на кој се плаќа само персонален данок од доход (ПДД), но доколку тоа истото го прави правно лице тоа мора да фактурира и ДДВ. Трето, ако треба да постои доход што е релативно низок и што претходно не се оданочува со ДДВ, на кое ниво треба да се постави границата за неоданочување за да не се случи трошоците на администрирање на државата да се исти или поголеми од износот на платениот данок? Четврто, дали би било во ред, како и во некои други даночни системи, ако некое физичко лице се занимава и со дополнителна дејност истото да треба за таа намена да регистрира некаков вид трговско друштво и своите деловни активности да ги извршува на тој начин? Петто, кои деловни активности би биле ослободени од оваа обврска и зошто тоа би се направило? Шесто, дали би било во ред при исплата на персонални примања на лица што не се во работен однос, правните лица од бруто-износот на надоместокот да пресметуваат и уплатуваат не само ПДД, туку и ДДВ? Вакви прашања и дилеми има уште. Можеби и не сум во право за сè, но сериозна, стручна и независна дебата мора да има за да еден закон опстои или да се смени и биде во духот на времето.

Власта, притисната помеѓу своето предизборно ветување и потребата да го спроведува законот што можеби не ѝ се допаѓа, а е во сила, има дилеми. Иако не сум повикан, би предложил власта да го реши случајот на следниот начин. Прво, веднаш да достави закон до Собранието на Македонија по итна постапка со кој ќе ја врати границата од 2 милиони денари под што физичките лица не би биле обврзани да се регистрираат како даночни обврзници на ДДВ. Во законот да предвиди дека тој ќе стапи во сила веднаш, а ќе се применува ретроактивно од 1 јануари 2018 година. Тоа е дозволено со чл. 52, став 4 од Уставот на РМ каде што стои: „Законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните“. Односно ретроактивно неплаќање данок согласно закон е „поповолно“ за граѓаните. Откако тоа ќе го направи, власта на мир и без брзање да отвори серија на дебати и истражување како да го реши овој проблем, па дури и истиот да биде решен порестриктивно од сега, но за тоа да се постигне висок степен на согласност и увереност дека се прави вистинската работа и дека секој доход треба праведно и еднакво да се оданочува кај сите учесници во економскиот живот.

Сега да се вратиме на почетокот. Зошто власта има двојни стандарди и кон спроведувањето на овие два закони се однесува селективно? Одговорот е нужно потребен.