Рускиот патријарх Кирил и бугарскиот Неофит ќе разговарат за статусот на МПЦ -ОА
Статусот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија ќе биде тема на средбата на бугарскиот патријарх Неофит и рускиот патријарх Кирил, кој денеска и утре е во посета на Софија по повод одбележувањето 140 години од ослободувањето на Бугарија од османлиското ропство.
Тоа го потврди бугарскиот митрополит Антониј во изјава за Бугарската национална телевизија, посочувајќи дека статусот на МПЦ-ОА е актуелна тема во православниот свет за која треба да се разговара.
– Светиот синод на БПЦ секогаш настојувал да им помогне на македонските христијани да имаат канонски призната православна црква, рече митрополитот западноевропски и средноевропски Антониј.
Посочи дека и БПЦ во својата историја поминала низ „шизматски пат“, слично на Македонската, кога се одделувала од грчката црква.
– БПЦ сака да се реши статусот на Македонската црква и не може да се држи настрана од тоа прашање, но истовремено не сака да ги наруши каноните, изјави митрополитот Антониј.
Нагласи дека има многу теми за разговор меѓу Бугарската и Руската православна црква, но односите отсекогаш биле многу добри и не зависат од политичкото расположение.
– Има многу проблеми и духовна празнина. Недостиг на љубов наспроти зголемувањето на егоизмот во односите меѓу луѓето, што претставува предизвик за сите православни цркви. Политичките односи се базираат на дневни случувања, додека политиката на Црквата е вечна, наведе митрополитот Антониј.
Патријархот Московски и на Цела Русија, Кирил. за време на престојот во Софија, освен со бугарскиот патријарх Неофит, ќе има средби и со претседателот на Бугарија Румен Радев и со премиерот Бојко Борисов.
Светиот синод на МПЦ-ОА на 9 ноември лани со писмо побара од БПЦ да и биде црква мајка, да се воспостави евхаристиско единство и да се заложи за признавање на нејзината на афтокефалност. МПЦ побара и заедничко служење на светата литургија со БПЦ.
Светиот синод на Бугарската православна црква на 27 ноември одлучи да се ангажира и застапува пред помесните православни цркви за востановување на канонскиот статус на Македонската православна црква.