Руската амбасада демантира дека го организирала митингот пред нејзината зграда
Руската амбасада преку соопштение демантира дека е организатор на неодамнешниот митинг пред Амбасадата на Русија во Скопје, како и обраќањето на Амбасадорот на Русија пред неговите учесници наводно претставува прекршување на Виенската конвенција за дипломатски односи од 1961 година. „Известуваме дека таквите тврдења покажуваат дека нивните автори малку знаат за содржината на Виенската конвенција. Ве потсетуваме дека Амбасадата на Русија не беше ниту иницијатор, ниту организатор на овој митинг. Меѓутоа, ние сме благодарни на стотици луѓе кои се собраа пред Амбасада за да му го изразат своето сочувство и поддршка на нашиот народ по повод неговата болка поради смрта на 64 луѓе, објавија минута молк за загинатите, јасно се изразија за пријателство и соработка меѓу Македонија и Русија, против провокации во однос на нашата земја, кои им нанесуваат штета на пријателските руско-македонски односи. Земајќи го предвид, долг е на професионален дипломат па и на секој воспитан човек да се излезе кон собраните и да им се заблагодари за солидарноста и поддршката. Токму тоа и се случи, и во овој израз на почит кон граѓаните на Македонија нема никакво прекршување на одредбите на Виенската конвенција која, патем речено, обврзува ‘да се поттикнуваат пријателските односи меѓу државата која испраќа и државата-домаќин‘“, стои во писмената реакција од Амбасадата на Русија во Македонија.