Родителите на девојчето со молк ја слушнаа пресудата за Чапароски
Родителите на девојчето не покажале никаква реакција по пресудата за д-р Александар Чапароски, поранешен директор на Клиниката за неврохирургија, на кого судот вчера му изрече условна казна од една година затвор доколку во рок од две години не направи кривично дело. Чапароски беше обвинет дека од таткото на девојчето побарал 1.000 евра поткуп за да му издаде потврда дека Клиниката не прави операција каква што му е потребна на детето за тоа да може да се лекува во странство.
Извори на „Независен весник“ велат дека родителите имаат друга мака – 14-годишното девојче уште е во Германија, каде што се лекува. Тие се зафатени со нејзиното лекување.
Пресудата за Чапароски предизвика револт и осуда од страна на јавноста. Јанаки Митровски, адвокат на родителите, вели дека пресудата е очекувана, иако тој лично не очекувал дека докторот ќе го признае делото.
– Немаме право да се жалиме, ни јас ни оштетениот. Само јавниот обвинител може да одлучи дали ќе покрене жалба. Тој се гонеше за полесен облик на делото примање поткуп, односно дека не извршил службено дејство што морал да го изврши. Овде казната е од една до пет години затвор, за разлика од потешкиот облик на делото примање поткуп, каде што казната е од четири до десет години затвор. Судот мора да цени олеснителни околности од типот неосудуваност, признание на вина, изразено каење, жалење и слично – изјави за „Независен весник“ Јанаки Митровски, адвокат на оштетениот.
Чапароски на таткото требало да му издаде потврда дека Клиниката за неврохирургија не ја прави операцијата што му е потребна на девојчето. Не станува збор ни за конзилијарно мислење, туку за обична потврда што на родителот му била потребна за да им се покрие лекувањето во Германија.
Чапароски призна вина уште на првото рочиште. Според пресудата, тој во следните две години не смее да биде поставен на функција директор.
Според обвинението, ексдиректорот лани во мај од таткото на малата пациентка побарал 1.000 евра. Четири дена подоцна ги зел парите со образложение дека тоа е парична награда за него за издадената потврда. Таткото го пријавил случајот во полиција.
При претресот во канцеларијата на Чапароски, полицијата најде и одзеде 24.890 евра, 4.477 американски долари, 2.250 швајцарски франци, 65 австралиски долари, 170 хрватски куни, 60 бугарски лева и 4.700 денари. При претресот во неговиот дом, пронајдени се и 9.750 евра. Пријавениот немал доказ од каде потекнуваат парите. Паралелно со пријавата за примање поткуп, против него беше поднесена уште една кривична за противправно стекнување и прибавување имот.
С.С.З.