Ретроспективна изложба на Драган Кузманоски во Кичево


Ретроспективна изложба на слики „15 години творештво“ на Драган Кузманоски ќе се одржи во четврток, 15 март во Центарот за култура „Кочо Рацин“ во Кичево во 19:00 часот.

Драган Кузманоски роден е 1956 год. во с.Латово, општина Македонски Брод, живее во Кичево. Основно и средно образование завршува во Кичево, а студира сообраќај на Универзитетот „Св.Климент Охридски“ Битола.
Со сликарство се занимава петнаесет години.

Делата се работени во маслена и акрилна техника на платно и се наоѓаат во бројни колекции во Р.Македонија, САД и Канада. Неговите мотиви се инспирирани од непосредните доживувања на живописните краеви на Р.Македонија со особен акцент на руралната архитектура која побудува реминисценција на едно дамно изминато време кое оставило трага во елементите на старата македонска и албанска архитектура.

Во духот на сликарството на оваа четврта самостојна изложба Драган Кузманоски ќе се представи со триесетина дела во различна тематика, која особено ја афирмира руралната архитектура, убавините и специфичностите на македонската и албанската архитектура која оставила автентична трага во елементите кои добиваат и поетично значење покрај тоа што стануваат фактографски записи за едно изминато време укажувајќи сосема спонтано и непосредно на културата на живеењето на овие простори.

Од опусот поставен на духовната и сакрална ризница ќе бидат представени и неколку икони во духот на традицијата и чествувањето на традиционалните празници.