Пуштена една од снимките за „Траекторија“, судењето продолжува на 23 мај
На рочиштето за предметот на СЈО „Траекторија“ попладнево почна слушањето на аудио разговори кои се доказ во постапката.
Адвокатот Димитар Дангов претходно побара разговорите да бидат пуштени на следното рочиште, но тоа беше одбиено. Одбраната реагираше и дека аудио снимките не се целосно исфилтрирани и оти се уште има приватни разговори.
Беше побарано и да се обезбеди уште една камера што ќе ја снима целата судница, но и ова барање беше одбиено по што почна изведувањето на доказите.
Реагираше и поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, обвинет во случајот, со барање да се исклучи јавноста за време на слушањето на разговорите.
Веднаш по пуштањето на првата аудио снимка на која се слуша разговор на Јанакиески, тој стана и кажа дека им го откажува полномошното на неговите адвокати бидејќи не биле подготвени да го бранат.
Јанакиески и адвокатите излегоа од судницата, а по враќањето тој информира дека го повлекува предлогот за откажување на нивното полномошно.
Судијата Бошевски потоа реши да го прекине денешното рочиште и продолжението да го закаже за 23 мај.
Во „Траекторија“ обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски, екс-министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и поранешниот директор на Агенцијата за државни патишта, Љупчо Георгиевски.
Тие се обвинети дека во втората половина на 2012 година и во текот на 2013 година презеле повеќе дејствија со кои во постапката за избор на компанија за изградба на автопатите Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид ги искористиле и пречекориле своите овластувања.Според СЈО со противправното дејствување на обвинетите кинеската компанија „Синохидро“ се стекнала со имотно-правна корист од 155.117.256 евра, а износот на штета претставува разлика меѓу износот на цена што како држава ја плаќаме на „Синохидро“ и цената што оваа компанија им ја плаќа на подизведувачите.
Адвокатите, пак, тврдат дека ќе докажат оти со околностите и податоците со кои располагале обвинетите при носење на одлуките не е направено противзаконско дејствие.