Промоција на книгата „Јас.Елегии” од Михаил Ренџов


Промоција на книгата „Јас.Елегии” -поезија, од Михаил Ренџов, во издание на „Макавеј“ вечерва ќе биде промовирана во Салон 19:19, во Културно-информативниот Центар – Скопје.

Книгата ќе ја промовира проф др. Кристина Николовска, а стихови од книгата ќе чита Томе Витанов.

Оваа поетска книга на Ренџов е добитник на наградата „Браќа Миладиновци“ за 2017 година и се смета за комплексно, темелно конципирано и впечатливо поетско дело што се одликува со идејно-содржинска и со формално-стилска кохерентност.

– Новата поетска објава на овој еминентен автор претставува континуиран пев устроен од шеесет и три сонети (воведен сонет/пролог, шеесет и еден нумериран сонет и завршен сонет/епилог), или, поинаку определено, поема составена од шеесет и три пеења во сонетна форма, наведува издавачот за делото.

Михаил Ренџов е поет, прозаист и преведувач. Член е на Македонскиот ПЕН центар и на ДПМ. Јас оксиморон (поезија, 1998), Ангела сонува (поезија за деца, 1998), Псалми (поезија, 2000), Апокалипса (драмска поема, 2002), Раскази за Захариј (раскази, 2004) и многу други. Добитник е на многу награди.