Претставата „Пијани“ во режија на Марјан Ѓорѓиевски гостува во Кичево


Театарската претсатава „Пијани“ од Иван Вирипаев, во режија на Марјан Ѓорѓиевски од Народен театар- Битола ќе се одигра во Центарот за култура „Кочо Рацин“ – Кичево на 21 март, среда, во 20 часот.

Станува збор за претстава што комуницира со денешното време и менталитет. Текстот на овој современ автор од 2012 година досега е поставуван во Русија и Германија, а сега и кај нас.
Според режисерот Ѓорѓиевски претставата е со современа тематика.

Претставата зборува за губењето на сите морални и етички вредности во современиот свет, за губењето на контактот со најблиските и барањето на она суштинското, кои сме ние, како и за враќањето на основните вредности. Всушност зборува за човек- нечовек во ова време- невреме.

Актерската екипа ја сочинуваат Илина Чоревска, Валентина Грамосли, Соња Ошавкова, Маја Андоновска –Илијевски, Ангела Димитрова, Николче Пројчевски, Александар Димитровски, Живко Борисовски и Никола Стефанов.

Сценографијата е на Валентин Светозарев, костимографијата ја изработи Благој Мицевски, а музиката е на Александар Димовски.