Преговорите се сопнаа само што почнаа


Како торпедо ја опишаа грчките медиуми реакцијата на шефот на дипломатијата Никола Димитров на предлозите што ги донесе медијаторот Метју Нимиц по разговорите со грчкиот државен врв во Атина. Толку споменуваната добра волја на прес-конференцијата се распрска во парчиња, откако Димитров излезе со реторика и порака што не е чуена досега од оваа влада, и беше карактеристична за настапите на нашите лидери во ОН – дека никој не може да ни го земе правото да бидеме Македонци и да зборуваме македонски јазик, а идентитетот не може да биде предмет на преговори.

Неколку пораки јасно покажаа колкава е разочараноста од предлозите на Атина – од таа дека тие имаат добри, но и лоши елементи кои предизвикуваат загриженост, дека ако се дојде до точка на решение каде што треба да се допре идентитетот нема да има решение и дека колку повеќе се зборува за црвени линии толку помалку има простор за преговори. И дека Македонија не може да биде само наша, но не може да биде и само грчка, а за некои прашања се зборува пред да се проверат фактите, вклучувајќи и за иредентизмот што е решен со промени на Уставот и со Времената спогодба уште во деведесеттите години.

Нимиц, иако ја задржа оптимистичката реторика, во еден момент порача дека ако двете земји продолжат да преговараат уште дваесет години натаму, некои нови генерации ќе го решат проблемот настрана од нив фокусирајќи се на прагматични прашања.

Вчерашната прес-конференција всушност на некој начин покажа дека во Македонија грчките барања се доживуваат како потврди од тие што се очекуваа, место да се отвори некаква можност да се спојат позициите. Она што остана незабележано од грчките медиуми, па и од македонските е дека Димитров понуди формула за името на јазикот, словенски македонски, што претходните години беше причина за остри протести на адреса на, на пример, евроамбасадорот Аиво Орав, кога такво нешто спомна во Европскиот парламент. Дали Македонија е подготвена да го менува Уставот или не, беше дилема која поради заштита на преговарачките позиции Димитров одби да ја одговори.

„Идентитетот не може да биде предмет на преговори бидејќи не е предмет на одлука, тоа е резултат на историски процес. Тоа прашање е многу поголемо и од мене, и од преговарачите, и воопшто целата генерација на денешните политичари, па веројатно и на идните. Така што, ако дојдеме до таа точка за решение каде што треба да се допре до идентитетот, за жал, нема да има решение. Меѓутоа, ќе биде многу жално ако две европски држави во 2018 година не се доволно големи ова да го препознаат“, рече Димитров на прес конференцијата со Нимиц.

Тој нагласи дека станува збор за исклучително важно прашање за македонските граѓани кое се следи со големо внимание и загриженост.

„Ние имаме целосно разбирање за тоа. Сакаме ова прашање да се реши на начин што и кај нас и во Грција ќе се смета за достоинствен. Имаме разбирање за граѓаните на Грција кои се идентификуваат како Македонци, но во Европа, во 21 век, не само нашите соседи во Грција, туку никој не може да го допре нашето право да бидеме Македонци и да зборуваме на македонски јазик, кој е во групата на словенски јазици“, рече Димитров. Нимиц го дополни дека досега не чул од грчката страна ништо што би значело порекнување на идентитетот на народот во Македонија.

„Бидејќи го покренавте прашањето за идентитетот, не сум чул ништо од грчката страна што би значело порекнување на идентитетот на народот тука, и верувам дека можното решение е конзистентно со зачувувањето па дури и јакнењето на идентитетот. Јас сум многу оптимист. Во овој контекст има разлики во ставовите меѓу двете земји, но во Атина не сум чул порекнување, негирање на идентитетот“, посочи медијаторот. Притоа тој се обиде и да ги смири граѓаните што стравуваат дека ќе се прифати недостоинствено решение, оценувајќи дека владата во Македонија е сосема квалификувана и компетентна да ни го сочува идентитетот во преговорите.

„Мислам дека народот во државава не треба да се грижи за тоа дали има влада која се грижи за нивниот идентитет. Во контекстот на ОН се јавуваат прашања како што е дефиниција на јазикот, дефиниции коишто се користат во меѓународни рамки. Луѓето, народот се грижи дека ова е аспект прашање кое што го засега идентитетот. Некои од тие прашања се предмет на дискусија. Верувам дека идентитетот на народите во светот го дефинираат самите народи. ОН работат со држави во однос на тоа како се употребува името на државата во ОН не се расправа за тоа како се идентификуваат и не се расправа за идентитетот“, се обиде да објасни Нимиц. Според негова оценка, процесот оди напред, кај двете страни има волја да се најде решение.

Димитров за важна ја оцени помошта на Нимиц, но предупреди дека треба да се биде исклучително внимателен при соопштување на крајните ставови во јавноста. Според него, за да има решение многу е важно во процесот да се однесуваме внимателно бидејќи колку повеќе зборуваме за црвени линии во јавноста толку помалку има простор за разговор и се намалуваат шансите да се најде решение што ќе биде прифатено за двете страни.

„Од наша страна има волја, се надеваме дека и од другата страна ќе има. Ако има достоинствен начин што го почитува идентитетот и достоинството на двете страни, ќе го најдеме. Можно е и да нема таков начин, но наша обврска е да се обидеме да го најдеме“ – изјави Димитров. Посочи дека се разговарало за идеите на Нимиц, детално и сериозно.

– Има идеи кои не се така лоши и некои кои не се така добри и создаваат загриженост кај нас. Врз основа на тоа што го добил во Грција и од разговорите во Скопје ќе видиме како ќе тече процесот – рече Димитров. Според него, ова прашање не може да се реши ако едната страна се чувствува поразена.

„Мора да најдеме начин. Лесно е да се закопате во историските ровови, но време е регионот да оди напред. Историјата не може да ја менуваме, но се надевам можеме да ја креираме нашата иднина… Штом Македонија ќе се приклучи кон НАТО, ќе бидеме сојузници со нашите грчки пријатели. За мене овој процес е заеднички процес на растење и созревање. И имам разбирање и за оние што се противат на постигнување решение. Се работи за чувствително прашање. Македонија не може да биде само наша, зашто еден дел од неа е во Грција, но не може да биде и само грчка. Еден дел е и на територија на трета држава… Не може никој да има монопол или ексклузивитет на терминот Македонија. Подразбираме различни нешта кога ќе кажеме јас сум Македонец“, рече Димитров.

Медијаторот, пак, запрашан дали има временска рамка за договор, рече дека вообичаено не зборува за тоа, но мисли дека во прашање се недели или месеци кога ќе се дојде до решение, бидејќи од двете страни има влади што се спремни да разговараат.

„Прашањата се изнесени. Нема да станат полесни во иднина. Мора да се соочиме со прашањата. Имаме две влади со компетентни дипломати и одлучни лидери и треба брзо да се придвижиме напред“, рече Нимиц.

Нимиц одби да даде прецизен одговор на прашањето дали гледа иредентизам во името на Македонија или во Македонија, изјавувајќи дека не е до него да оценува и да суди. „Јас не сум судија, туку медијатор“, рече Нимиц.

Нимиц имаше средба и со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој му искажал загриженост „за одредени чекори во грчкото општество кои иритираат и поттикнуваат негативни чувства кон Република Македонија и истите не се од помош на целокупниот процес“. Претставниците на ВМРО-ДПМНЕ, исто така, истакнале дека решението треба да ги запазува државните и националните интереси и да не го загрозува националниот идентитет на Македонците.

Слободанка Јовановска