По три децении морбилите се вратија: Во Албанија заболени 600 лица


Бројот на заразени од мали сипаници или морбили, кои во Албанија се „вратија“ по три децении, продолжува да расте.

Од јануари кога беше регистриран првиот случај до сега регистрирани се 600 случаи,поголемиот број деца на возраст до една година.

Како последица од таа болест регистрирани се три смртни случаи, едно тринаесетгодишно девојче, четримесечно и осуммесечно бебе.

Моментно во Инфективната клиника во Тирана хоспитализирани се 10 дечиња, од нив две кои се помали од една година се на интензивна терапија,поради тешката здравствена состојба.

И бројот на возрасни кои се погодени од оваа заразна болест е во постојан раст.

– Секојдневно се јавуваат по десет пациенти со знаци на морбили. Во нашата клиника се задржуваат случаите со компликации,додека другите се пуштаат на домашно лекување со дадени потребни сугестии,-потврдуваат од Инфективната клиника на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Тирана.

Стручни лица од Институтот за јавно здравје оценуваат дека бројот на заразени од морбили е висок и оти сето ова е последица на невакцинирањето на децата на возраст до една година.

Во Албанија епидемија на морбили е прогласена на почетокот на март.