Почна средбата на Димитров и Коѕијас во Охрид
Шефот на македонската дипломатија Никола Димитров и неговиот грчки колега Никос Коѕијас во владината вила во Охрид ја почнаа новата рунда разговори за надминување на проблемот што Грција го има со уставното име на Република Македонија.
Средбата Димитров – Коѕијас се очекува да трае околу два часа по што е предвидено двајцата министри да дадат изјави за медиумите.
И двајцата дипломати во пресрет на денешната средба во Охрид истакнаа дека очекуваат позитивен напредок во разговорите, во насока на натамошно зближување на позициите, но далеку од решение за кои Атина инсистира на уставни промени за кои Македонија смета дека не се потребни.
„Се надевам на прогрес и мислам дека однесувањето на Грција и Македонија во однос на процесот сигнализира дека процесот е во деликатна фаза и фокусирани сме токму на овие разговори. Се надевам дека ќе ни помогне што оваа рунда се одржува во Охрид“, изјави Димитров пред средбата со Коѕијас.
Шефот на грчката дипломатија, пак, вчера во Белград пред да отпатува за Охрид рече дека е направен чекор напред во решавање на спорот за името и оти за негово затворање е потребен компромис.
„Реализам и прагматизам е клучот на решението. Потребен е компромис, но не гнил компромис. Двете страни мора да разберат дека не можат да добијат се“, рече тој по средбата со српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ.
Опсегот на употреба на името, односно грчкото барање за ерга омнес и ревизија на македонскиот Устав се неопходните предуслови што ги бара Атина за постигнување решение, додека пак за Скопје јазикот и идентитетот се критичните точки. Овие четири прашања, според текстовите во грчките медиуми од изминатиот период, се главните разлики што постојат во позициите на двете земји во пресрет на денешната средба во Охрид.
Новинарите во Грција, коментираат дека средбата на Димитров и Коѕијас е особено критична во однос на тоа дали ќе се надминат разликите и ќе има дополнително приближување на ставовите. Она што во Грција често се споменува како позитивен знак е континуираната и јавно изразена волја за решение и од двете страни.
Коѕијас синоќа допатува во Охрид, каде имаше работна вечера со неговиот домаќин Димитров. Во рамки на неговата мини балканска турнеја, тој поладен од Охрид треба да замине за Приштина.