Почна Неделата на современ ирански филм во Кинотека


Со проекција на „Слаткиот вкус на имагинацијата“ во режија на Камал Табризи, снимен во 2014 година, вчера во Кинотеката на Македонија почна Неделата на современ ирански филм.

Кинотеката ја организира филмската недела со помош на Амбасадата на Исламска Република Иран во Скопје.

Владимир Ангелов в.д. директор на Кинотека на Македонија посочи дека вторпат се домаќини на Неделата на ирански филм.

Според него, иранската кинематографија веќе е светски позната, а избраните филмови се одлични. Ги повика посетителите секоја вечер да дојдат во Кинотека и да ги гледат сите филмови.

На отворањето на Неделата на современ ирански филм присуствуваа амбасадорот на Исламска Република Иран Хосеин Карими, претставници на државните институции, странски амбасадори и дипломати, соработници на Амбасадата и љубителите на иранскиот филм.

Амбасадорот Карими го истакна прогресот на иранската кинематографија во последните години и додаде дека иранскиот филм со својот уникатен стил е веќе познат во целиот свет.

– Талентот и желбата на иранските уметници и богатата иранска и исламска култура се главните фактори за успехот на седмата уметност во Иран, рече Карими, кој ги повика присутните да ја искористат можноста за подобро запознавање на иранската култура и традиција.

До 27 јануари ќе бидат прикажани уште филмовите „Базен за сликање“, „Сосема сам“, „Коцка шеќер“ и „Многу блиску, многу далеку“. Влезот за проекциите е бесплатен.