Потребни се итни реформи за одржлив пензиски систем


Пензискиот систем треба да претрпи сериозни реформи со комбинација на постепен пораст на придонесите и постепено зголемување на старосната граница за финансиски да се консолидира во следните пет до 10 години, да се преполови дефицитот во Фондот на ПИОМ и да се намалат трансферите од централниот буџет. Во спротивно неодржливоста на пензискиот систем постојано ќе се зголемува, сметаат од Институтот за економски истражувања FINANCE Think, темелејќи ги ставовите врз основа на резултатите од симулирани сценарија.

Оттаму велат дека за да се постигне одржливост на пензискиот фонд не треба да има ниту зголемување на пензиите надвор од законското усогласување, ниту воведување популистички мерки кои ќе предизвикаат дополнителни оптоварувања на Фондот.

Како што појасни на денешната прес-конференција Благица Петрески од FINANCE Think, биле правени три симулации на сценарија, од кои како најповолно се покажало она кое предвидува товарот од реформата да биде споделен помеѓу генерации, преку комбинирани мерки од пораст на стапката на придонеси и границата за пензионирање. Притоа, рече, порастот да е скалест и постепен, а поместувањето на старосната граница да води сметка за вработените во трудово – интензивните сектори и лицата со стаж подолг од 35 години.

Според анализата на FINANCЕ Think, првите ефекти од реформата би се почувствувале веднаш, а по пет години заштедите би се движеле околу 90 милиони евра годишно.

Петрески потенцира дека иако фискалните ефекти од посилните индивидуални реформи, главно пораст на придонесите или пораст на старосната граница на пензионирање, и комбинираните реформи се слични, сепак вторите даваат подобри резултати врз невработеноста и сиромаштијата.

– Ефектите се подобри главно поради фактот што тие го распоредуваат товарот од пензиската реформа на засегнатите страни, рече таа.

Комбинираната реформа, која според FINANSE Think, би дала најповолни резултати со најмалку негативни аспекти, би значела пораст на стапката на придонеси за два процентни поени веднаш – од 18 на 20 проценти и дополнителен еден процентен поен по десет години, зголемување на границата на пензионирање за една година после пет години и дополнителна една година после десет години, вклучително и семејната и пензијата од бенефициран стаж.

Оттаму истакнуваат дека трошокот од порастот на придонеси потенцијално да се сподели помеѓу работодавачот и работникот, затоа што, како што рече Павле Гацов, кога претходно придонесот бил намален разликата не ја добил работникот, туку работодавачот.

Ефектите од симулираните сценарија покажале дека предложените реформи може значајно да го намалат дефицитот во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија (ПИОМ), и по пет години би се движел од 1,5 до 3,1 проценти од БДП, и од 0,7 до 3,3 проценти од БДП до 20 години.

Фискалните заштеди од реформите се движат од 10 до 193 милиони евра на годишна основа до 5 години, и до 403 милиони евра до 20 години.

Дефицитот во пензискиот систем во Македонија – разликата помеѓу изворните приходи и вкупните расходи на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување – има тренд на раст, и во 2016 година достигна 26,6 милијарди денари, или 43 проценти од вкупните расходи на Фондот.

Причина за ова е издвојувањето средства од пензиските придонеси и во вториот столб, односно приватните пензиски фондови, но и несоодветното зголемување на пензиите во изминатите години.