Под лупа заработките на интернет
Граѓаните што имаат интернет-страници за продажба на облека, накит, модни додатоци, програмерите што прават интернет-страници, банери, компјутерски програми за клиенти од целиот свет, тие што работат со интернет-маркетинг со договор склучен со „Гугл едсенс“ да ги пријават сите приходи од минатата година во годишната даночна пријава за да не заработат казна од Управата за јавни приходи. Под лупа на Управата, покрај сите дополнителни приходи што ќе мораат да се пријават, ќе да бидат и заработките на граѓаните преку интернет, кои изнесуваат и десетици илјади евра, но добро ги прикриваат за да не платат данок. Најчесен рекордер досега е Кумановец кој во 2016 година пријавил дека претходната година заработил 1,26 милион евра преку интернет и платил персонален данок на доход од 126.000 евра. Инаку, рокот за поднесување на годишна даночна пријава до УЈП истекува за десет дена. Засега е слаб одѕивот од граѓаните, односно само околу 130.000 лица од над 400.000 што се претпоставува дека остваруваат дополнителен приход доставиле Годишна даночна пријава.
Во оваа група „интернет заработувачи“ влегуваат и физички лица кои имаат интернет-страници со регистриран странски домен, интернет-блогери кои заработуваат од прогнози за спортски натпревари за што добиваат надоместок и сопствениците на интернет-страниците, кои откако ќе постигнат значително ниво на посетеност, склучуваат договор со „Гугл едсенс“ со кој се врши монетизација на интернет-страниците. Односно, во согласност со договорот, сопствениците на интернет-страниците овозможуваат поставување реклами на клиенти на Гугл во форма на слики, банери и видеоклипови, а за возврат од Гугл добиваат одреден надомест на месечно ниво.
– На физичките лица, за кои има сознание дека во текот на 2017 година остваруваат приходи преку интернет, Управата за јавни приходи им доставува известување со потсетување на нивната обврска за поднесување годишна даночна пријава за персонален данок на доход и истите понатаму ќе се следат од аспект на исполнувањето на даночните обврски по таа основа – велат од УЈП.
Дека граѓаните немаат навика да ја пријават интернет-заработувачката и да платат данок на остварениот приход, покажуваат и контролите на Управата кои затекнале десетици лица што пријавиле помалку од она што го заработиле. Така, лани преку контроли се утврдило дека 85 лица заработиле речиси 900.000 евра кои не ги пријавиле и затаиле данок од речиси 90.000 евра. Исто така, во 2015 и 2016 година УЈП открила 74 физички лица затајувачи на данок кои заработиле на интернет речиси 1,4 милион евра и го оштетиле државниот буџет за 140.000 евра.
– Во текот на 2017 година насочени се контроли кај 95 физички лица за кои Управата за јавни приходи има сознанија дека остваруваат приходи по овие основи, и со завршените контроли за 85 физички лица утврден е непријавен и неплатен персонален данок на доход во вкупен износ од 5.372.784 денари (87.362 евра) и камата од 582.049 денари (9.464 евра), односно вкупно 5.954.833 денари (96.826 евра).Претходно, во текот на 2015 и 2016 година, во спроведените 74 контроли кај физички лица, утврден е непријавен данок од приходи во вкупен износ од 8.519.583 денари (138. 529 евра), камата од 1.491.520 денари (24.252 евра) или вкупно од 10.011.103 денари (162.782 евра) – велат од УЈП.
Интересно е дека по известувањата од УЈП, многу заработувачи преку интернет за 15 пати ги „зголемиле“ приходите што ги прикажале за наредната година. Така, 35 лица за 2015 година прикажале заработка од 10.632 евра, а откако биле опоменати наредната година таа се зголемила на 168.000 евра.
– Во однос на физичките лица што остваруваат приходи по основ на вршење ИТ услуги преку специјализирани интернет страни (Freelancers), Управата за јавни приходи пред насочување контроли кај идентификуваните физички лица, а во насока на превентивно дејствување, достави известување, а Даночниот инспекторат ги повика доброволно да го пријават и да го платат данокот. Вкупните приходи што ги искажале таргетираните 35 лица за 2015 по основ на вршење на дополнителна дејност изнесувал 653.918 денари (10.632 евра), а вкупните приходи што ги искажале истите лица за 2016 година (по доставата на известувањето од УЈП) изнесува 10.349.756 денари (168.288 евра). За лицата што одбиле да соработуваат, односно за 5 лица насочени се контроли – велат од УЈП.
Инаку, граѓаните имаат уште десетина дена да ги пријават сите дополнителни приходи за минатата година. Вработените во приватниот сектор, и да немаат други приходи освен плата, ќе мора да достават годишна даночна пријава доколку им бил исплатен регрес за годишен одмор, популарно наречен К-15 за лани. Во дополнителни приходи влегуваат сите остварени надвор од плата, како тие од кирии, приходи од авторски права, од капитал и од капитална добивка, од игри на среќа… Оние што нема да достават ГДП ризикуваат да добијат казна од 200 евра.
Александра Филиповска