Повеќе од 4.000 лица заболеа од грип за една недела


Вкупно се 4.258 лица заболеа од грип за една недела, во периодот од 19 февруари до 25 февруари, објави Институтот за јавно здравје.

Тоа е зголемување за 14 отсто во споредба со минатата недела кога беа регистрирани 3.728 заболени лица. Во споредба со истиот период лани, годинава бројот на заболени во оваа, осма недела од почетокот на сезоната, е зголемен за 19 пати.

– Анализата на бројот на заболени од сезонски грип по месеци укажува на постепен пораст на заболените во јануари (2.396 заболени или 14,6 отсто) и достигнување врв во февруари (12.951 или 78,8 отсто). Исто како и претходната недела, регистрираната инциденца од грип/заболувања слични на грип е на средно ниво на активност, а се регистрира и широка географска распространетост. Во последните две недели се намалува процентот на позитивно тестирани примероци од вирусолошкиот надзор (слично како и во останатите земји во Европа), што укажува дека е достигнат пикот на сезоната на грип – велат од Институтот. Најмногу од заболените се од Гостивар, зад него се Скопје и Куманово.

Од почетокот на овогодинешната сезона од грип или заболувања слични на грип заболеа околу 16.500 граѓани. Мнозинството од нив се во возрасната група од 15 години до 64 години. Популација, пак, кај која најбрзо се шири грипот се децата од пет години до 14 години.