Пензионерите лути на Владата – пензиите ќе растат, но не како платите


На Владата ѝ претстои соочување со револтот на пензионерите. Новото решение за усогласување на пензиите е смислено за да ја намали дупката во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување и затоа нема да им испорача на пензионерите раст на пензиите на кој се надеваа. Здружението на пензионери се огласи со став дека, со новиот начин на пресметка, растот на пензиите нема ниту да се почувствува. Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, бранејќи ја оваа точка од пензиската реформа, вели дека најважно е што пензиите се исплатуваат редовно и се стабилни. Но тоа не им влегува в уво на пензионерите, кои од претходно веруваат дека секогаш кога СДСМ доаѓа на власт им се кратат пензиите.

Македонија долги години има начин на усогласување на пензиите двапати годишно, според растот на платите и на трошоците на живот (инфлацијата). Со новото решение, пензиите ќе растат двапати годишно, но само според процентот на раст на инфлацијата.

Треба да ги погледнеме статистиките за раст на пензиите, рече министерката Царовска и објасни дека во 2016 година просечната пензија изнесувала 13.754 а во 2018 – 14.421 денар, што покажува дека пензиите растат.

„Оваа влада кажа дека двапати годишно ќе ги усогласува пензиите. Оние што денеска критикуваат дозволија да го забранат усогласувањето како што беше уредено со закон. Секоја година носеа закон според кој усогласување нема, туку има паушално зголемување еднаш годишно, или пред избори, кога им беше потребно. За да биде праведен пензискиот систем, зашто тој е солидарен, треба да се усогласува согласно законското решение“, изјави министерката додавајќи дека ако порано се усогласуваше со 50 проценти од трошоците за живот сега се усогласува два пати годишно со 100 проценти од трошоците за живот.

Министерката појасни и дека доколку економијата расте, и ако растот на БДП биде над 4 проценти, како што е очекувано, ќе има дополнително усогласување во април наредната година. Владата била принудена да направи пензиска реформа поради катастрофалната состојба во која го затекнала Фондот за пензиско осигурување.

„Важно е да се каже дека влегуваме во реформа за стабилизација на пензискиот систем и доведување на кривата што постојано ја отвораше дупката во Фондот, кон една стабилна линија, што држи ниво на стабилност во Фондот, со цел да имаме пензии за сегашните пензионери, но и да постигнеме стабилни пензии за идните пензионери. Ние како влада мислиме и на идните генерации кои сега уплатуваат за пензиите. Со целиот пакет на реформа постигнавме да нема замрзнување на пензиите, иако тоа е една од препораките на Светска банка, а не прифативме ниту тоа што ни кажаа дека задолжително треба да ја поместиме границата за пензионирање на 67 години. Оставивме оние генерации кои се истоштени со транзицијата да се пензионираат на 62 односно 64 години“, укажа Царовска.

За Здружението на пензионери новото решение го кочи растот на најмалите пензии во Македонија и тие ќе бидат помали од социјалната помош, што е апсурдна ситуација. Во ситуација кога повеќе од половина од пензионерите во земјава имаат потпросечни примања, односно помалку од 14.421 денар, ова ќе биде удар врз пензионерите кои се најранливи, со најмали пензии.

Професорот Трајко Славески вели дека новото решение во основа значи помали пензии.

„Ние сме земја каде што сите политики се насочени кон ниска инфлација, која во изминативе 20 години не ја надминува дури е пониска од инфлацијата во Еврозоната. Инфлацијата, мерена преку трошоци на живот, за минатата година најверојатно ќе биде блиску до нулата. По закон, усогласувањето се врши на 1 јануари и 1 јули, но затоа што се чекаат статистичките податоци, дури на 1 април се врши усогласување, па потоа ретроактивно се исплатува зголемениот износ на пензија. Претходно, Македонија имаше стандардно решение што го применуваат голем број земји, дека пензиите треба да се усогласуваат по два основи – едниот, за да ја задржат реалната куповна моќ, и затоа се усогласуваат со трошоците на живот и вториот, за пензионерите да учествуваат во порастот на животниот стандард изразен преку платите. На пример, ако инфлацијата е 2 отсто, а растот на платите е 6 отсто, во претходната година, тогаш покачувањето што би го добиле пензионерите би било 4 проценти, по половина од процентите на раст на платите и на инфлацијата. Со новиот начин на пресметка, каде што се зема само инфлацијата, растот ќе биде само 2 отсто“, објаснува професорот и ексминистер за финансии Славески.

Политика на Владата е да врши притисок за раст на платите, а притоа ги лиши пензионерите од придобивката и нивните пензии да растат како што растат платите. Според Славески, пензиите нема да растат ниту по дополнителниот услов, зашто сите прогнози на ММФ, Светска банка и слично, барем за наредните неколку години, не укажуваат на раст на БДП над 4 проценти. Сè ова, според Славески, укажува на оштетување на пензионерите.

Светска банка: Фондот има над 4 проценти од БДП дефицит

Светска банка во системската дијагностика за Македонија укажа дека пензискиот фонд има дефицит од над 4 проценти од БДП и со стареењето на населението се очекува трошењето за пензии и понатаму да расте, со што претставува најголем извор на фискален ризик за земјата.

Светска банка побара да се зауздат пензиските расходи така што ќе се зголеми стапката на придонесот за пензиско и инвалидско осигурување и ќе се ограничи индексацијата во однос на индексот на цени на мало, како мерка што би се презела на кус рок. За мерка на среден рок, Светска банка побара зголемување на возраста за пензионирање.

Анита Салтировска