Пармаковска, Прља и Станојоски во финале за „Роман на годината“ за 2017


„Одбројување“ на Фросина Пармаковска (издание на Или-или), „Апокалипса.мк“ на Бранко Прља (Готен) и „Диссомнии“ на Игор Станојоски (Антолог) се финалисти за престижната награда „Роман на годината“ за 2017 година која ја доделува Фондацијата за промоција и унапредување на културните вредности „Славко Јаневски“.

„Одбројување“ е трет роман на Пармаковска која дипломирала на катедрата за Општа и компаративна книжевност, а магистрирала на Културолошките студии при Институт за македонска литература. Таа е авторка и на романите „Пишувајќи ги изгубените топки“ и „Вишнова хроника“.

„Апокалипса.мк“ е последниот роман на Бранко Прља, кој претходно под псевдонимот Берт Стајн ги објави романите:„3 минути и 53 секунди“ и „1 час и 30 минути“. Прља е автор на повеќе збирки раскази, а познат е и по својата работа како графички дизајнер и копирајтер.

„Диссомнии“ е третиот роман на лингвистот и писател Игор Станојоски, кој дипломирал на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во групата Македонски јазик со општа и компаративна книжевност. Докторирал на Институтот за словенска филологија Сосновјец во Полска. Автор е на повеќе книги од областа на лингвистиката како и на романите „Гаргара“ и „Првиот универзитетски ден на мојата ќерка“.

Добитникот на наградата „Роман на годината“, за која во официјална конкуренција беа 27 романи, ќе биде соопштен на 15 март, а по пат на тајно гласање за него годинава одлучува жири составено од Давор Стојановски – писател и минатогодишен лауреат (претседател) и членовите: Ристо Лазаров, писател, Иван Додовски, писател и професор на Универзитетот Американ колеџ од Скопје, Анета Дучевска, професор и декан на Филолошкиот факултет „Блаже Коневски“ и Катерина Богоева, новинар и член на Фондацијата „Славко Јаневски“.

Наградата „Роман на годината“ од 1999 до минатата година ја доделуваше „Утрински весник“.