И Глигор Ташковиќ во „новите лица“ на Владата


Глигор Ташковиќ, кој во август 2008 година од потпретседателското место во корпорацијата АМБО дојде во вицепремиерската фотелја во Владата на Никола Груевски за да привлекува странски инвестиции, од пред два месеца е дел од Комитетот за одобрување инвестиции. Станува збор за совет што го избира и именува Владата на Република Македонија од редот на експерти со најмалку десетгодишно меѓународно искуство во областа на инвестициите во иновациската дејност. Мандатот трае две години.

Ташковиќ е една од последните „инвестиции“ на новата власт предводена од Зоран Заев и од Али Ахмети, која на своите истурени позиции поставува добро познати кадри од времето на Никола Груевски и неговото 11-годишно владеење со земјава. Иако експертската фела нема дилеми околу стручниот капацитет на Ташковиќ, зачудувачки е со колкава леснотија „старите“ функционери добиваат шанса кај новопечените властодршци. Негодувањата кај дел од јавноста што активно учествуваше во уривањето на претходното авторитарно владеење како да не стигнуваат до ушите на Владата или, пак, поединци внатре се принудени на компромиси за да останат на власт, не сфаќајќи дека ги истрошија кредитите кај обичните граѓани.

Поранешниот пратеник и претседател на собраниската Комисија за надзор на работата на УБК, Горан Минчев, не може да премине преку поставувањето на Лазар Еленовски за специјален пратеник за НАТО-интеграциите во Брисел. Минчев како дел од СДСМ водеше долг и мачен судски спор со Еленовски, тогашен претседател на Социјалделомратската унија, кој го тужеше него, Радмила Шекеринска и Горан Мисовски, бидејќи ја објавиле снимката на која кажува дека Груевски во 2008 година бил подготвен да го смени името на државата. Процесот заврши така што судените беа осудени за клевета. Еленовски тогаш искоментира дека правната држава конечно функционира. Девет години подоцна, Минчев е далеку од врвот на социјалдемократите, но затоа Еленовски повторно е на значајна државна функција, иако неговиот близок пријател Груевски одамна не ја држи власта.

Не само за него, туку генерално за сите оние што биле дел од режимот и кои учествуваа во системот што важеше изминатите 11-12 години, кои на кој било начин биле дел од него, не смеат да бидат дел од оваа ниту од која било Влада во иднина. Тие се истрошени, компромитирани и корумпирани. СДСМ се бореше против режимот и апсолутно неприфатливо е реформи да се прават со вакви решенија. Не е важно што ДУИ излезе јавно и призна дека Еленовски е поставен по нивни предлог. Ме чуди и што Радмила Шекеринска, која во времето кога нѐ тужеше Еленовски беше лидер на СДСМ, а сега е министерка за одбрана, па и Зоран Заев толку лесно го прифатија барањето на Ахмети и се согласија една толку важна функција, која е стратегиска најзначајна за Република Македонија, да му ја доверат на кадар како Еленовски“, ни изјави Минчев.

Тој вели дека со погрешните кадровски решенија на „Илинденска“, како и со нереализираните ветувања од предизборието, се родила првична недоверба кај граѓаните, која доколку не се надмине набргу, може да се зголеми и да ја одведе Владата во непосакуван правец од каде што ќе нема враќање.

Оптимизмот што го ширеше Владата и согласно тоа очекувањата на граѓаните беа преголеми, па пропорцијално со тоа сега расте и разочарувањето“, констатира Минчев.

Министерката Шекеринска вчера не ни одговори на прашањето како го коментира назначувањето на Еленовски на позицијата пратеник за НАТО и како планира да соработува со човек со кого до неодамна се гледаа еден спроти друг во судските сали.

Бура во јавноста предизвика и новиот мандат за вмровскиот директор на МРТВ, Марјан Цветковски, прелетот на Амди Бајрам во сдсмовското крило, задржувањето на директорските функции на кадри од времето на ВМРО-ДПМНЕ, како што е Билјана Јовановска во Агенцијата за вработување, поставувањето судии и обвинители што важеа за блиски до „режимот“…

Дел од аналитичарите што важат за блиски до СДСМ одбиваат да зборуваат со име и презиме, не сакајќи да се замерат со власта, но и надевајќи се оти станува збор за грешки во чекори, кои набргу ќе се исправат.

Очигледно е дека граѓаните се незадоволни, но има доволно време работите да се вратат во колосек. Премиерот Заев е растргнат надвор и нема доволно време да се фокусира на овдешните проблеми и кадровски политики, што не е добро, но сега се обидува да го реши спорот за името, кој ни тежи на грб. Потоа ќе биде полесно. Кога зборуваме за поставувањето на Еленовски, на пример, сметам дека Заев свесно ја проголта жабата бидејќи цени дека тоа е полесен избор отколку ДУИ да го номинираше Хазби Лика или сличен кадар, кој нема никаква врска со дипломатија. Ахмети си тера своја агенда и воопшто не го интересираат приоритетите и реформите на Владата. Е сега, факт е дека и луѓето околу Заев, советниците и ПР-тимот не знаат да ги изменаџираат ситуациите, па така го имаме портпаролот на Владата, кој претпладнето тврди дека Еленовски е избран по заеднички предлог на коалициските партнери, а само неколку часа подоцна, ДУИ јавно излегува и признава оти тој бил нивни избор. На тимот на Груевски немаше шанса да му се случи такво нешто“, анализираат нашите соговорници.

Горан Адамовски