Охрид
ЛЕЈЛА САБИТ
Лете полн, зиме празен.
Како и жената, може да ве привлече, а може и да ве разочара.
Да ве инспирира, или да ви биде здодевен.
Или го сакате или не го сакате.
Знае да биде културен, но и прост во однесувањето, да ве пречека како господин и дама, или да ве третира како неканет гостин.
Охрид е убав како ружа, но ако сакате подобро да го запознаете, може да ве боцне, да ве заболи до срце, или да ви пушти крв.
Уживате во неговата убавина од далечина, но може да ви го покаже и незгодниот карактер ако премногу му се приближите.
Рано наутро е питом кога погледот во тишина ви се одмара по сината езерска шир. Доцна во ноќта знае да биде див, нескротлив во големата врева, малку поднапиен или ептен најаден.
Како ѓердан на вратот на жената, скапоцен е како бисер, но ви тежи кога е бижутерија.
Охрид е град на парадокси. Ги сака странците, не ги сака своите. За светот е културно богатство, за нас сеир да видиш и да те видат .
Сака да ќари, а ништо да не потроши, да профитира, а ништо да не инвестира.
Кејот знае да биде писта на висока мода но и дом на рибарите, да се измешаат парфеми и мирисите на свежо фатена риба.
Охрид ви ја остава слободата да бидете никој и ништо, или некој и нешто, анонимен или славен, колку вие ќе дозволите.
Место каде сакате или мир или забава, или да се одморите или да се уморите.
Џубокс на сѐ и сешто. Диско и електро забава, класичен концерт или диџеј сет, фолк или народна музика на увце.
Ги привлекува домашните и странските ѕвезди, а гостите избираат елегантна или кежуал гардероба, високи потпетици или патики.
Вие избирате дали ќе му радувате на забавниот и атрактивен Охрид или на мирниот и здодевен Охрид. Секое лето иста приказна!