Од Турција, преку Албанија до Саудиска Арабија: Ферхан Хасани во Ал Раед
Ферхан Хасани, конечно, ја затвори летната трансфер сага. По разделбата со Шкендија, македонскиот репрезентативец се поврзуваше со клубови во Турција и во Албанија, но на крај заврши во Саудиска Арабија. Популарниот Буба потпиша едногодишен договор со екипата Ал Раед вреден 1,2 милиони евра.
Офанзивниот играч во средниот ред е дете на Шкендија. Низ младинските погони на тетовските „црвено-црни“ се калеше од 1998 година до 2007 година пред да биде префрлен кај сениорите. Пет години играше за првата екипа по што направи трансфер во Волфсбург во 2012 година. Во тимот од „Фолксваген арена“ се задржа една сезона, наредните две ги одигра во дресот на Брондби пред се врати во македонската сцена 2015 година, откако неговиот матичен клуб го презеде бизнисменот Лазим Дестани.