Огласот сега, помошта во текот на летото
Парите од програмата за економски раст на Владата ќе стигнат до бизнисмените дури на почетокот на летото. Според првичните проценки, државна помош ќе можат да добијат околу осум илјади домашни и странски компании, најави вчера вицепремиерот за економски прашање Кочо Анѓушев.
Првиот оглас за третиот столб за мали и средни претпријатија се очекува да биде објавен во текот на месецов и на него ќе мора да се конкурира. Останатите компании за субвенциите од првите два столба ќе можат да аплицираат во текот на април, а документите ќе треба да ги поднесат во Агенцијата за ТИРЗ или во Агенцијата за странски инвестиции.
„Програмата за економски раст ќе се имплементира со или без закон. Законот за финансиска поддршка на инвестициите утре ќе помине на седница на Владата, а потоа ќе биде ставен во собраниска процедура. Ги охрабрувам сите пратеници да соберат сили и да го изгласаат, а ги повикувам тоа да го направат и пратениците од опозицијата доколку ѝ мислат добро на македонската економија“, изјави вчера Анѓушев. Како што појасни, малите и средните претпријатија парите ќе ги добиваат врз основа на правилник преку Фондот за иновации и технолошки развој, но Фондот нема сам да одлучува кому да исплати, туку заедно со претставници од повеќе институции. Останатите компании парите ќе ги добиваат преку Владата и Агенцијата за вработување, а ќе ги одредува мешовита комисија од професионалци, која ќе ја прави првата евалуација по јасен правилник. Доколку има забелешки на евалуацијата, ќе постои второстепена комисија во Владата составена од седум до осум члена. Конечната одлука за исплата ќе ја носи Владата.
Тој појасни дека законот се носи за да им се направи правно предвидлива ситуација на сите компании и додаде дека сосема е доволен Законот за директна државна помош за да се исплатат субвенциите за компаниите за 2017 година.
„Законот и да беше донесен лани во декември немаше ништо да се смени бидејќи мораше да се чека март за да се предадат завршните сметки за 2017 година и потоа да се аплицира за субвенции. Затоа се така ставени датумите, за да може да се аплицира до јуни и потоа да се добијат парите бидејќи не се добиваат средства за идни инвестиции, туку поврат на веќе реализирани инвестиции“, појасни Анѓушев.