Ќе се возиме по „Пријателство“ и ќе летаме од „Скопје“


По објавување во „Службен весник“, скопскиот аеродром „Александар Велики“ и автопатот „Александар Македонски“ официјално ќе ги добијат новите имиња „Аеродром Скопје“ и „Пријателство“. Владата на последната седница донесе одлука со која се остварува ветувањето што премиерот Зоран Заев му го даде на грчкиот премиер Алексис Ципрас на нивната средба во Давос минатиот месец, да ги смени имињата на аеродромот и автопатот.

Од Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) велат дека откако ќе се објави одлуката, на нивно барање и со нивен буџет, активностите на терен за отстранување на сегашните сообраќајни знаци и за поставување нови ќе ги спроведе Јавното претпријатие „Македонија пат“.Од компанијата „ТАВ Македонија“, пак, која е концесионер на скопскиот аеродром, за „Независен весник“ велат дека ќе го следат развојот на настаните и ќе постапат согласно инструкциите добиени од Владата.

Пред претходната влада да одлучи да ги промени имињата на автопатот и на аеродромот, со што дополнително ги влоши македонско-грчките односи, скопскиот аеродром се викаше „Аеродром – Скопје“, а автопатот си имаше меѓународна патна ознака Е-75.

Од Скопје се лета речиси 100 години

Македонија има аеродром 96 години, кој досега неколку пати ја менувал локацијата, но и името. Аеродром „Александар Велики“ во минатото беше познат како „Аеродром Петровец“, именуван по неговото најблиско село Петровец и како „Аеродром Скопје“.На 27 декември 2006 година, македонската влада го промени името на аеродромот, од „Аеродром Скопје“ во „Аеродром Александар Велики“. Ова преименување дополнително ги влоши грчко-македонски односи.

Според историските податоци, аеродромот во Скопје започнал да се гради околу 1922 година, во непосредна близина на центарот на градот, односно на истата локација каде што денеска се наоѓа населба Аеродром. Всушност, населбата подоцна го добила името токму поради овој мегапопуларен аеродром во тоа време.Тоа бил објект со контролна кула, метеоролошка станица и голема писта.

Во 1933 година бил набавен авионот „Скопје“, а истата година, со средства собрани од предавањата и од аеромитинзите, бил купен нов авион „Косово“.
Првиот патнички авион слетал на 15 јуни 1928 година на „Аеродромот Скопје“ и превезувал 5 патници и 290 килограми товарен багаж на релација Белград-Скопје-Подгорица-Мостар-Сараево-Белград. Во 1929 година била воспоставена и авионската линија Солун-Скопје-Белград. На редовната линија Скопје-Белград-Скопје сообраќало друштвото за авиосообраќај „Аеропут“. Тој аеродром во почетоците имал само домашни дневни чартер-летови, за подоцна да добие и класификација на интернационален аеродром.

Првиот меѓународен лет се реализирал во 1930 година на релација Виена-Грац-Загреб-Белград-Скопје-Солун, додека пак нешто подоцна во 1931 година била пуштена авионската линијата Скопје-Подгорица-Скопје.

„Аеродромот Скопје“ бил мошне значаен во периодот на двете светски војни. Покрај тоа што бил заземен од страна на окупаторите, сепак, на тој аеродром стигнувала храна за повредените од војните.„Аеродромот Скопје“ бил бомбардиран од страна на нацистичка Германија, но сепак останал во функција до пуштањето на новиот „Аеродром Петровец“, кој започнал да се гради по завршувањето на војната.
Македонската Влада во 2010 година ги отстапи двата македонски аеродрома во Скопје и во Охрид под концесија на турскиот оператор ТАВ кој ќе управува со нив до 2030 година.

Како „Братство и единство“ стигна до „Пријателство

Како што одлучи Владата на последната седница, за да се стигне од Европа до Грција, низ Македонија ќе се вози по „Пријателство“. Оваа автопатска делница на европската патна мапа е позната како Коридор 10, Е-75, А-1, а во времето на поранешна Југославија била позната како „Братство и единство“. Оваа автопатска делница, која поминува низ Македонија, ги поврзува Салцбург и Солун и претставува клучна артерија на Балканот.
Токму името „Александар Македонски“, кое досега се користеше во Македонија и беше поставено на сите патокази и сообраќајни табли, беше една од најжешките теми за препукувања помеѓу Македонија и Грција.

Во 2008 година, веднаш по Самитот на НАТО во Букурешт, кога Грција стави вето за влез на Македонија во Алијансата, тогашната влада на ВМРО-ДПМНЕ, предводена од Никола Груевски, донесе одлука оваа автопатска делница да го добие името „Александар Македонски“, што дополнително ги заостри односите со нашиот јужен сосед, кои траат речиси три децении.Оваа автопатска делница е главната артерија која од Европа пристигнува до Грција.

Поради поволноста и стратегиската важност на Вардарската Долина, овој автопат секогаш бил сообраќајно важна артерија и оска на Македонија и Балканскиот Полуостров.

Во втората половина на 20 век овој патен правец бил дел од југословенскиот автопат „Братство и единство“, кој минувал низ четири југословенски републики, поврзувајќи ги крајната северна и крајната јужна граница.
По осамостојувањето на Македонија во 1991 година, овој пат етапно почнува да се доградува и подобрува, со изградба на одделни сообраќајни коловозни ленти во две насоки.

Така, во периодот од доцните деведесетти до 2000 година се завршени делниците до Градско и Смоквица-Гевгелија, потоа во периодот 2001-2002 делницата до Неготино, во периодот до 2004 е завршена делницата до Демир Капија, а во септември 2011 година е завршена седумкилометарската делница Куманово-Табановце. Во моментот се работи на изградба на втора одделна сообраќајна коловозна лента на делницата Смоквица-Демир Капија, со што до крајот на март 2018 година целосно ќе се заврши изградбата на целиот автопат по сите меѓународни стандарди со две одделни коловозни сообраќајни ленти.

Освен во Македонија, оваа автопатска делница во изминатите 30 години интензивно се гради и во останатите земји во поранешна Југославија. Коридорот 10 е договорен уште во 1997 година во Хелсинки. Овој паневропски коридор долг 2.300 километри се протега од Австрија до Грција.

Александра Спасевска