Николовски: Можно целосно укинување на маркичките за брашното
Преговорите за увозот на српско брашно е можно да завршат со целосно укинување на маркичките, рече денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски.
Одговарајќи на новинарски прашања по добивањето на техничката помош од ЕУ, Николовски нагласи дека со меморандумот меѓу Македонија и Србија што треба да биде потпишан до 30 јули годинава, ќе се отвори и потребата од укинување на маркичката.
– И при првата средба во Скопје рековме дека отвораме храбри чекори за унапредување на соработката и укинување на нетарифните бариери. Веќе е договорено олеснување при извозот на оризот во Србија, радиоактивноста ќе се проверува на границата без да се чека, за ГМО ќе се признаваат нашите сертификати, анализи за листерија ќе се земаат само при проценка на ризик, а не постојано како сега, се кратат процедурите и за извоз на нашите градинарски производи, договорено е за максимум еден ден да завршат сите постапки, напомена министерот.
Според него, со унапредувањето на соработката и меѓусебното признавање на анализите, ќе се скрати не само времетраењето на контролите, туку значително ќе се намалат и трошоците со оглед дека некои анализи во Србија чинат 800 евра, а кај нас 200 евра.
Во врска со брашното, дополни Николовски, Агенцијата за храна и ветеринарство веќе воспостави нов систем на контрола, коридор при влезот на пратки со што надзорот е засилен.