Не манипулирајте со цената на пченицата, бара Министерството за земјоделство


Министерството за земјоделство апелира земјоделците да не шират дезинформации за откупната цена на пченицата. Трајан Димковски, шеф на Кабинетот на министерот за земјоделство, вели дека кога земјоделците кажуваат оти пченицата се откупува за 7 или 8 денари за килограм, тоа се однесува на пченица за сточна храна, а не на онаа квалитетната, за лебно брашно.

„Има млинови што ја откупуваат пченицата и за 11 денари, но се работи за род со висок квалитет. Ваква цена не може да постигнат земјоделци со по пет хектари жито, туку големите со 300 – 500 хектари. Да не си играме и да не манипулираме со цената на пченицата. Идејата е да добиеме квалитетен производ, а не веднаш да зборуваме за ниски цени за да се добијат дополнителни два денара поддршка“, изјави денес Димковски.

Министерството за земјоделство проценува дека на квалитетно лебно зрно отпаѓаат нешто под десет отсто од вкупниот принос на пченицата, кој годинава се движи околу 200.000 тони.